Турција со забрзани чекори оди кон производство на свој борбен авион, објави денес во Истанбул турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, објави Агенцијата Анадолу (АА).
– Со Божја помош, поголемиот дел од воздухопловите во нашите воздушни сили во иднина ќе бидат домашни авиони – изјавил Ердоган на отворањето на Меѓународниот саем за воена индустрија во Истанбул (IDEF).
Турскиот претседател, исто така, истакнал дека неговата земја веќе има значителен удел во производството на беспилотни летала.
“Ја редуцираме странската зависност на турската одбранбена индустрија од 80 на 30 отсто, и сега ние извезуваме производи на наменската индустрија”, надополнил Ердоган.
Тој ги осуди заканите дека САД нема да му ги продаваат борбените авиони Ф-35 на Турција ако Турција од Русија ги купи одбранбените системи на С-400.
-Република Турција нема, ниту некогаш ќе го прифати наметнувањето во областа на одбранбената индустрија, исто како во политиката, дипломатијата или економијата – порачал Ердоган.
Ердоган истакнал дека проектот за производство на авионот Ф-35 е осуден на неуспех ако Турција биде исклучена од неа.









