Социјалистите победија на изборите во Шпанија

0
112

Актуелниот премиер на Шпанија од социјалистите, Педро Санчез, победи на парламентарните избори одржани вчера, без да обезбеди мнозинство за формирање влада, јавува Anadolu Agency (AA).

Со 99 проценти изброени гласачки ливчиња, неофицијалните резултати покажуваат дека Социјалистичката работничка партија (PSOE) освои 123 места во Парламентот, кој брои вкупно 350 места, додека нивниот поранешен коалициски партнер, крајно левичарскиот Унидас Подемос (Обединети можеме), освои 42 места.

Овојпат Санчез треба да побара поддршка од другите партии за да формира влада, бидејќи заедно на Социјалистичката работничка партија и Подемос сѐ уште им недостасуваат 11 места за да ги постигнат потребните 176 за мнозинство.

Во својот говор по победата, Санчез рече: „Испративме јасна порака до Европа и светот – дека може да се победи авторитаризмот и инволуцијата“.

Крајнодесничарската партија Вокс освои 24 места, добивајќи над 10 отсто од гласовите. Ова е првпат крајнодесничарска партија да влезе во Парламентот по завршувањето на военото владеење во средината на 1970-те години.

Шпанската традиционална партија на десницата, Народната партија, регистрира еден од најниските резултати досега, а застапеноста во Парламентот падна на 66 места.

Санчез најверојатно ќе започне преговори со двете партии, Подемос и со регионалните партии од Баскија, Валенсија, Канарските Острови, Каталонија, Навара и Кантабрија, чија поддршка ќе му биде потребна за формирање влада.

Како алтернатива, Санчез би можел да влезе во преговори и со сепаратистичките партии од Каталонија, кои освоија над 20 места, но тие преговори може да бидат комплицирани за Санчез и непопуларни кај неговата база.

Лидерот на социјалистите, исто така, може да формира и поедноставна коалиција со централнодесничарската партија Сиудаданос, која забележа досега спектакуларен резултат на вчерашните избори, освојувајќи 57 места во Парламентот.

Сепак, лидерот на Сиудаданос, Алберт Ривера, за време на предизборната кампања континуирано изјавуваше дека неговата партија нема да се усогласи со социјалистите поради нивниот релативно помек став во однос на каталонскиот сепаратизам.

За време на победничкиот говор на Санчез, неговите приврзаници скандираа „не со Ривера“.

Ако преговорите на Санчез бидат без успех, политичката фрагментација може да ги испрати Шпанците повторно на избори, по четврти пат од 2015 година.

Според шпанското Министерство за внатрешни работи, излезноста на гласачите достигна скоро 76 отсто, што е за девет процентни поени повисоко отколку во 2016 година.