Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дена Алијансата е подготвена да го потпише протоколот за пристапување на Македонија во НАТО кога ќе се имплементира Договорот за името, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг на прес-коференцијата што ја одржа во пресрет на дводневниот состанок што треба да започне утре во Брисел, истакна дека министрите в среда ќе одржат состанок за Западен Балкан, на кој ќе им се придружи и високата претставничка на Европската Унија (ЕУ), Федерика Могерини.
Нагласувајќи дека Западен Балкан има клучно стратешко значење и за НАТО и за ЕУ, Столтенберг рече:
„Го следиме напредокот на Скопје кон станување 30. членка на НАТО, останува на властите во Скопје да го имплементираат Договорот за името. Штом ќе се заврши тоа ние ќе можеме да го потпишеме протоколот за пристапување“.
Челникот на НАТО, исто така, нагласи дека министрите ќе ја поддржат подготвеноста на Алијансата да ја прифати првата годишна национална програма на Босна и Херцеговина. „Ова е важна алатка која може да помогне земјата да ги спроведе политичките, економските и реформите во одбраната“, додаде тој.
Столтенберг рече дека фокусот на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО оваа недела ќе бидат разговорите за безбедносните предизвици.
„Министрите за надворешни работи на НАТО оваа недела ќе се состанат за да дискутираат за широкиот спектар на безбедносни предизвици, вклучувајќи го и дестабилизирачкото однесување на Русија, насилниот екстремизам на Блискиот Исток и Северна Африка и континуираната нестабилност во Авганистан“, рече генералниот секретар на НАТО.
Тој истакна дека сојузниците утре ќе се состанат со партнерите на НАТО, Грузија и Украина, додавајќи: „И двете (земји) се соочуваат со сериозни безбедносни предизвици од Русија, и ние ќе продолжиме да им пружаме практична и политичка поддршка на двете земји“.
Столтенберг нагласи дека министрите, исто така, ќе разменат мислења и ставови за Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF), кој беше потпишан во 1987 година помеѓу САД и тогашниот Советски Сојуз.
„Овој Договор елиминира цела категорија на оружје, но е загрозен од страна на Русија“, додаде тој.
На 21 октомври, американскиот претседател Доналд Трамп ја соопшти својата намера да се повлече од Договорот.
Столтенберг рече дека Русија развила, произвела и распоредила нови проектили, кои „би можеле да стигнат до европските градови со мало време или без време за предупредување“.
Секретарот додаде дека Вашингтон е во целосна согласност со Договорот, велејќи: „Нема нови американски проектили во Европа, но има нови руски проектили“.
– Блискиот Исток и Северна Африка –
Генералниот секретар на НАТО истакна дека министрите ќе дискутираат и за предизвиците што доаѓаат од Блискиот Исток и Северна Африка.
„Ќе разговараме за Ирак, каде што помагаме во обуката на локалните сили, а нашите експерти помагаат во формирањето на едукативни објекти од областа на одбраната“, рече тој.
Нагласи дека состанокот на сите земји што придонесуваат за Мисијата за обука во Авганистан „Одлучна поддршка“, ќе ја заврши сесијата во среда.
„Ние мора да продолжиме со цел да се осигураме дека земјата никогаш повторно нема да стане рај за меѓународните терористи“, рече Столтенберг.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ќе присуствува на состанокот. Се очекува да оствари билатерални средби со своите колеги.








