За денеска во Кривичниот суд во Скопје, е закажано ново рочиште за предметот „ТНТ“ за незаконското уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски. Меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и Тони Трајковски, тогашниот градоначалник на општина Гази Баба.
На минатото рочиште како материјален доказ беше презентирано Стручното мислење од Институтот за урбанизам при Архитектонскиот факултет во Скопје, според кое Сите забелешки од инспекцискиот наод во врска со височинските коти во Записникот за констатација за уривање на објектот „Космос“ се погрешни, произволни и намеродавни, поради што решенијата кои се темелат на наведениот записник се без правен основ.
Рочиште денеска ќе има и за случајот „Титаник“ во кој Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ се товарат за уништување на изборен материјал како тогашни членови на ОИК во Чаир на локалните избори 2013 година.
Извор:НоваТВ/Фото:МИА










