ЕУ бара пресуди за корупција,расчистување со прислушувањето и 27април

0
385

Европската Комисија денеска соопшти дека ќе ги започне подготовките за преговорите по вчерашните заклучоци на министрите за надворешни работи на ЕУ за условен старт на преговори со Македонија и Албанија.

„ЕК сега ја започнува работата на подготовки, како што стои во заклучоците на Советот и ќе продолжи да поддржува видливи и одржливи резултати, особено во областа на судството, борбата против корупција и јавната админстрација, кои имаат голем импакт врз секојдневниот живот на граѓаните, рече портпаролот на Европската Комисија, Маргаритис Шинас.

На состанокот во Луксембург  министрите за надворешни работи на ЕУ се согласија да го отворат патот за старт на преговорите во јуни 2019 година. Но, тие, исто така, побараа од двете  земји да покажат напредок во реформите пред да започнат преговорите на крајот од 2019 година.

Напредокот треба да вклучи “понатамошни видливи и одржливи резултати” за реформите во правосудството, безбедносните служби и јавната администрација, како и во бробата против корупцијата.

Одлуката беше донесена по долга дебата и поделба меѓу 28-те членки на ЕУ – со  противење од Франција и Холандија, поддржани и од Данска, кои инситираа на реформи пред да започнат преговорите за членство. Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева  рече дека  е „важен ден“ за двете земји и „за Западен Балкан како целина“. Холандскиот министер за надворешни работи, Стефан Блок, потврди дека двете земји направиле “важен напредок“. „Но, сакаме да видиме резултати во борбата против корупцијата и владеењето на правото“ додаде тој.

Во заклучоците објавени од Советот на ЕУ, во делот за Македонија пишува дека „ одржувањето на добрососедските односи, вклучувајќи го и договореното и взаемно прифатено решение за проблемот со името под покровителство на ОН, е од суштинско значење. Советот силно го поздравува потпишувањето на
договор за спорот за името со Грција, и со нетрпение ги очекува ратификацијата и спроведувањето на овој договор. Советот, исто така, го поздравува и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со   Бугарија и ја нагласува важноста од негово континуирано  спроведување. Овие два големи чекора кои се направени треба да значат и ефективен крај на какви било тврдења кои се изнесуваат врз основа на погрешно толкување на историјата.

Со оглед на напредокот, особено во  спроведување на договорот од Пржино, Планот за итни реформи и Договорот со Грција,  Советот  се согласува да одговори позитивно на напредокот и „да го постави патот кон отворање на пристапните преговори во јуни 2019 година“.

Според тоа, Советот ја нагласува потребата земјата да продолжи со конкретен напредок во приоритетните реформи и да испорача видливи  резултати во борбата против корупцијата. Советот ја повикува Комисијата одблизу да ги мониторира реформските напори и да го процени напредокот во извештајот на Комисијата на почетокот на годината . Во зависност од постигнатите резултати првата меѓувладина конференција, порачува официјален Брисел, треба да се одржи до крајот на 2019, а до тогаш Советот ја повика Европската комисија да почне со подготовките за отворање на преговорите.

Советот нагласува дека оваа проценка на напредокот треба да вклучи дополнително видливи и одржливи
резултати, фокусирајќи се особено на:

– Судски реформи и истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаи на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво;

-Реформа на разузнавачките и безбедносните служби;

-Реформа на јавната администрација.

Во заклучокот, преовладува признавањето и поздравувањето на направените реформи,  но се нагласува дека мора да продолжат започнатите реформи. Советот го поздравува тоа што земјата ја надмина длабоката политичка криза и тоа што од мај 2017 година, дури и во тежок политички контекст, новата Влада направи важни чекори да се врати културата на компромис со тоа што ќе бидат опфатени сите засегнати страни, вклучително и опозицијата, со цел да се зајакнат демократијата и владеењето на правото, државата да покаже вистинска волја за реформи и да се однесува со своите соседи во духот на добрососедството.  Советот потсетува на важноста да се продолжи со утврдувањето на  одговорност за незаконските активности кои произлегуваат од прислушувањето објавено во 2015 година, како и на тоа дека треба да се утврди одговорноста за нападот во Собранието на 27 април 2017.

Советот ги охрабрува сите партии да имаат континуиран дијалог и да продолжат сегашните реформи, пред се во клучните области од владеењето на правото, како што се борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на судството, борбата против радикализмот и тероризмот и реформи во разузнавачките служби. Се нагласува и  важноста од деполитизирана јавна администрација во која ќе се напредува според системот на заслуги, изборните реформи, слободата на медиумите и зајакнувањето на надзорот над извршната власт.

Извор:НоваТВ