Хан: Иванов не се однесува соодветно за претседател на држава

0
301

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан во интервју за МИА изразува верување дека Советот на ЕУ овој месец ќе и додели на Македонија датум за почеток на преговорите за членство.

Хан во интервјуто зборува за неговите очекувања од Советот на ЕУ, за тоа дали постојат ризици земјата да не добие датум за преговори, за напорите на ЕК да ги разубеди оние земји-членки кои се противат на тој процес, но и за внатрешната политичка состојба во земјата по објавувањето на договорот со Грција, односно за ставовите на претседателот Ѓорге Иванов и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Не е соодветно за претседател на држава, да одбие да разговара со премиер, со министер за надворешни, за да добие информации од прва рака. Мислам дека премиерот и министерот за надворешни целосно ги почитуваа уставните насоки и можам само да го повикам итно претседателот да преземе одговорност.. Претседателот како директно избран има специјална позиција и одговорност и треба да е свесен за ова, инаку и наштетува на фунцкијата, вели Хан.

Во однос на ставот на опозицијата, еврокомесарот вели дека тие треба внимателно да го разгледаат договорот.

– Мојата порака до опозицијата е дека таа треба внимателно да го простудира договорот, треба да дискутира со Владата, зборуваме за тема која е од национален интерес, има непосреден ефект врз иднината на земјата и нејзината евроатлантска перспектива. Тоа не беше мала пречка, тоа беше планина и сега таа е отстранета. Се разбира не сакам да го проценувам исходот на овој договор, но таква е природата на преговорите и на компромис, секој треба да отстапи, но генерално се чини дека исходот е доста поволен за вашата земја, истакнува Хан во интервјуто за МИА.

На прашањето зошто Европската народна партија чиј член е Хан, а воедно членови се и двете опозициски партија во Грција и во Македонија, се уште не се изјасни за договорот, Хан вели дека некогаш е „подобро некои работи да се разговараат тет е тет, бидејќи ова е работа која е национална и треба да биде видена како натпартиска работа и се разбира сите ние политичари ги разбираме потребите на лидерите на опозицијата, но има очекување дека опозицијата ќе има конструктивна улога“.

За ВМРО ДПМНЕ вели дека веќе покажа кооперативност и конструктивност, а последниот Жан Моне дијалог, е прв доказ дека на парламентарно ниво има заложба.

Во врска со тоа дали договорот сега е  гаранција за отворање на вратите на ЕУ, Хан вели дека очекува Советот на ЕУ да одреди датум за преговори.

– Очекувам, ако се ова сега е потпишано и договорено, дека ќе има импакт во заклучоците на Советот и очекувам по препораката за преговори да почнат подготовките за старт на преговори, вели Хан, но истакнува дека сепак ништо не може да гарантира стопроцентно.

Во врска со следните чекори тој вели:

– Ако добиеме зелено светло, ќе се фокусираме на нашата нова методологија, ќе почнеме со поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на владеењето на правото. Почетокот на овој процес за скрининг ќе се занимава со проценувањето на состојбата со владеењето на правото и врз основа на тоа ќе предложиме одредници за отворање на поглавјето и тоа така оди, изјави Хан во интервју за МИА.

Извор:НоваТВ