Премиерот Зоран Заев попладнево имаше телефонски разговор со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш – информираат од Владата.
Гутереш ги поздравил реформите што ги прави Владата, вклучително и позитивниот пристап на нашата држава во односите со соседите.
Позитивно е оценет Договорот со Бугарија, во којшто се гледа и придонес за односите меѓу соседите во регионот, освен како подобрување на билатералните односи помеѓу двете држави.
Генералниот секретар, Гутереш, во име на ОН ги поддржал разговорите што се водат со Грција под под покровителство на медијаторот Метју Нимиц. Тој оценил дека постои позитивна динамика и можност да се дојде до взаемно прифатливо решение.
Гутереш најавил дека ќе разговара и со грчкиот премиер Ципрас и рекол дека ги охрабрува двајцата премиери и владите на двете држави да продолжат да работат во насока на решавање на долгогодишниот спор.
Заев се заблагодарил на Гутереш и за ангажманот на медијаторот Нимиц, кој долго работи на изнаоѓање взаемно прифатливо решение.
Премиерот Заев оцени дека Договорот со Бугарија ги подобри билатералните односи, и придонесе кон зголемување и на трговската размена меѓу двете држави, но даде и охрабрување да се влезе во надминувањето на проблемот што го има Република Грција со уставното име на Република Македонија.
Во телефонскиот разговор со генералниот секретар на ОН, Гутереш, премиерот Заев изразил надеж дека ќе се најде взаемно прифатливо решение и дека тоа ќе биде добро и за двете држави, но и за целиот регион.
„Да престанеме да се занимаваме со минатото и да работиме заедно за подобра заедничка иднина“, додал премиерот Заев.
Премиерот Заев во разговорот се заблагодарил за континуираната поддршка на Обединетите нации и УНДП во развојот на Република Македонија.
Како што најавил во разговорот со Заев, тој веднаш потоа зборувал и со Ципрас.
За преговорите за името, меѓу другото, разговарале грчкиот премиер Алексис Ципрас и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш во телефонски разговор.
Во кусото соопштение од кабинетот на Ципрас, не се откриваат дополнителни детали.
За време на разговорот, разговараа за случувањата во поширокиот регион, за грчко-турските и евро-турските односи, како и за преговорите со ПЈРМ, соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер.
Извор:НоваТВ








