Српски министер и пратеници на владејачката партија најавија штрајк со глад

by Administrator

(Дубаи – Портал) – Српскиот министер за одбрана Александар Вулин, заменик градоначалникот на Белград Горан Весиќ и триесетина пратеници на владејачката коалиција најавија штрајк со глад поради, како што тврдат, насилството над граѓаните и институциите кои ги спроведува опозицијата обединета во Сојузот за Србија (СзС).

Нивниот штрајк со глад ќе почне утре во пет до 12, објавија српските медиуми блиски до власта, повикувајќи се на извори во владејачката коалиција.

Вулин, според тврдењата на некои српски медуми, донел одлука штрајкот да го почне утре во 11:55 часот во српското собрание.

На тој потег се одлучил поради, како што се наведува, „насилството кое над Србија го спроведуваат лидерите на СзС (Бошко) Обрадовиќ, (Драган) Ѓилас и (Вук) Јеремиќ“.

На Вулин ќе му се придружат и пратеници од владејачкото мнозинство предводени од Српската напредна партија и заменик градоначалникот на Белград Горан Весиќ со советниците во градското собрание, кое исто така е под контрола на колицијата предводена со „напредњаците“ на претседателот Александар Вучиќ.

Политичките тензии во Србија растат со наближувањето на 13 април, за кога опозицискиот Сојуз за Србија и организаторите на протестите „1 од 5 милиони“ закажаа голем протестен собир во Белград, барајќи повлекување на актуелната власт на чело со претседателотт Вучиќ, слобода на медиумите и создавање услови за фер избори.

Вучиќ возврати дека една недела подоцна, на 19 април, ќе собере десет пати повеќе луѓе во престолнината и ќе покаже дека со него е „вредната, чесна, пристојна и паметна Србија“.

На протестот „1 од 5 милиони“ сѐ помасовно му се придружуваат и студентите, а една во низата нови акции е и перформансот „Големата преселба на студентите“ со кој сакаат да укажат на сѐ почестото заминување на младите од Србија на Западот.

Mahir Demişoski

You may also like