И СДСМ и ДУИ негираат несогласувања во владината коалиција

by Administrator

Не постојат конфликти или судири во Владата како што пишуваат медиумите, тврдат од Владата, по спротивставените изјави на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во однос на Законот за јазиците и неговото испраќање на разгледување во Венецијанската комисија.

– Во основа не постојат некои конфликти или судири како што пишуваат медиумите. Вчера имавме владина седница на која работите функционираат редовно и тековно. Како некој толкува одредени изјави, тоа сепак е во рамки на слободата на израз. Во секој случај, работата на Владата како институција е тековна и немаме никакви проблеми, истакна вчера владиниот портпарол Бошњаковски на редовната прес-конференција во Владата.

Ниту вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска не гледа никакви дупки и проблеми во владината коалиција.

-Македонија нема зошто да се плаши ако различни партии имаат различен став како што и во партиите не е страшно кога различни луѓе имаат различен став, тоа е богатство, истакна министерката Шекеринска, одговарајќи на прашање дали постои коалициска криза на партиите на власт.

И претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека не е противуствно испраќањето на Законот во Венецијанската комисија.

-Постапката за утврдување на кој било законски проект во соодветната европска комисија не е во никаква спротивност со Уставот, рече Џафери и упати на Владата за поконкретни одговори бидејќи тоа не е во надлежност на Собранието туку е владина одговорност.

Изминатите денови вицепремиерот Бујар Османи истакна дека до Венецијанската комисија се испратени само делови од Законот, по што следуваше соопштение од Владата во кое информираше дека посочениот Закон во целост е доставен до оваа Комисија на разгледување.Премиерот Зоран Заев, пак, побара ДУИ да не си ги препишува заслугите на законот, оти тој е на сите кои гласале за него.

Извор:НоваТВ

You may also like