Ердоган се состана со иранскиот претседател Раиси во Техеран

by Administrator

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во Техеран се сосатана со неговиот ирански колега Ебрахим Раиси на разговори за билатерални и регионални прашања, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган и Раиси ќе копретседаваат со седмиот состанок на Турско-иранскиот совет за соработка на високо ниво, на кој ќе се разговара за сите аспекти на билатералните односи и потенцијалните чекори за подобрување на билатералната соработка.

Се очекува турскиот претседател да се состане и со врховниот верски лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.

Ердоган и Раиси подоцна ќе се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин на седмиот трилатерален состанок на шефовите на држави-гаранти на процесот од Астана, чиј домаќин ќе биде иранскиот претседател.

На дневен ред на самитот ќе бидат последните случувања во Сирија, борбата против терористичките организации, особено ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, кои претставуваат закана за регионалната безбедност, обидите за политичко решение, хуманитарната ситуација и доброволното враќање на Сиријците во нивните домови.

Претседателите на Туркије и Иран во рамките на самитот ќе имаат билатерална средба и со нивниот руски колега.

Мировниот процес во Астана, сега Нур Султан, започна во јануари 2017 година на иницијатива на Туркије, Русија и Иран. Неговите средби придонесуваат за напредок на дипломатскиот процес во Женева, кој се води под покровителство на Обединетите нации (ОН).

Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.

 

You may also like