Најмалку 71 лице е повредено во судирите во Каракас и префрлени се во болница, изјави Маџа Санти, претседател на медицински центар Салуд Качао.
Таа рече дека 43 лица се повредени со гумени куршуми, двајца се повредени со огнено оружје, а 21 лице имаат скршеници, јави Си-Ен-Ен.
https://youtu.be/BXPTzuDczlM
Демонстранти се на улиците во главниот град на Венецуела, Каракас по повторен повик на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо кој претходно најави „почеток на финалната фаза од операцијата Слобода“. Тој вети ставање крај на владеењето на владата на претседателот Николас Мадуро.
Триесетипетгодишниот Гуаидо вети транзициска валда и слободни избори за ставање крај на режимот на социјалистот Мадуро. Во јануари тој се самопрогласи за претседател на Венецуела. Беше признат од извесен број влади во светот за лидер на Венецуела.
– Во незапирлив процес сме. Имаме цврста поддршка од нашиот народ и светот за да постигнеме обнова на демократијата, најави Гуаидо.
Ситуацијата во Каракас и натаму е тензична. Но Гуаидо и за денеска најави продолжување на протестите против венецуелскиот претседател.
– Мадуро сега ја нема поддршката на војска, изјави Гуаидо во видео-порака објавена на социјалните мрежи, а во која повикува на „мирољубив бунт“ против тиранинот.
– Цела Венецуела мора да биде на улиците, повика опозиционерот.
Западните медиуми оценуваат дека протестите најавени за денеска ќе претставуваат голем тест за Гуаидо, бидејќи доколку на улиците не излезат значителен број на граѓани, ќе бидат доведени во прашање неговите капацитети за да продолжи со напорите за симнување од власт на Мадуро.
Венецуелскиот министер за одбрана предупреди дека армијата ќе преземе акции доколку е потребно откако беа објавени инсерти од поддржувачите на опозицијата како се упатуваат кон претседателската палата во Каракас.
-Ситуацијата е под контрола. Сите воени гарнизони го поддржуваат претседателот Мадуро, изјави Исбемар Хименез, заменик министер за информации на Венецуела. Мадуро од вчера не е виден во јавноста.
Државниот секретар Мајк Помпео тврди дека Мадуро се подготвувал да ја напушти Венецуела, но го премислиле Русите.
-Тие имаа авион на пистата. Беше подготвен да замине утрото. Русите посочија дека треба да остане, изјави Помпео во интервју за Си-Ен-Ен.
Русија одговори дека Помпео зборува невистина.
– Вашингтон работи се за да ја деморализира армијата на Венецуела и сега се служат со лаги, соопштија од руското МНР за Си-Ен-Ен.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Куба дека повторно ќе воведе санкции ако кубанските војници веднаш не ги стопираат воните операции во Венецуела. Ако кубанската војска и милиција веднаш не ги запрат воените и другите операции со цел предизвикување на смрт и уривање на Уставот на Венецуела, кон Куба ќе биде воведено целосно ембарго, заедно со највисоките санкции, напиша Трамп на Твитер.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел одговори на заканата од претседателот Трамп, нарекувајќи ја „опасна агресивна ескалација”.
„Ја повикуваме меѓународната заедница да ја спречи опасната агресивна ескалација и да го зачува мирот. Доста е со лаги… Нема воени операции ниту кубански трупи во Венецуела“, напиша тој на Твитер.
Претседателскиот портпарол генерал Отавио Рего Баррос им изјави на новинарите дека Бразил целосно отфрла воена интервенција во Венецуела и не планира да дозволи која било друга земја да ја користи нивната територија за потенцијална интервенција кон својот сосед.
ОН и ЕУ повикаа на воздржаност
Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш денеска ги повика сите страни во Венецуела да покажат „максимална воздржаност“, да избегнат насилство и да преземат итни мерки за повторно воспоставување на мир во земјата.
Тој посочи и дека „стои на располагање доколку двете страни тоа го побараат“.
Европската Унија одблиску ги следи случувањата во Венецуела и повика на смиреност и воздржаност и потсетува дека само политичко, мирно и демократско решение е одговор за излез од бројните кризи во земјата.
-Европската Унија отфрла секаков вид на насилство и повикува на најголема воздржаност за да се избегне губење на живот и ескалација на тензиите, стои во соопштението на Советот на ЕУ за надворешни работи.
Европската Унија порачува дека ќе продолжи да го поддржува венецуелскиот народ и повторува дека треба да се одржат фер и демократски избори согласно уставот на земјата за да се стави крај на конфликтот.
Ситуацијата во Каракас ескалираше вчера кога на улиците на главниот град се судрија поддржувачите на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо и претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, откако двајцата побараа поддршка од армијата.
И Гуаидо и Мадуро тврдат дека ја имаат поддршката од војската.
Гуаидо за странските медиуми изјави дека државниот удар е во тек истакнувајќи дека ја започнал„завршната фаза“ од својот план да го смени претседателот Николас Мадуро, повикувајќи ги Венецуелците и армијата да го поддржат „и да и стават крај на узурпацијата на Мадуро“.
Приврзаниците на претседателот Мадуро, пак, се собраа пред претседателската палата извикувајќи слогани за поддршка, а тој наведе дека високи воени лидери го увериле во неговата лојалност и покрај апелите на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо до армијата.
Претходно, Мадуро преку Твитер повика на „максимална масовна мобилизација со цел да се обезбеди победа на мирот“.
Мадуро е на власт од 2013 година, кога го наследи својот ментор Уго Чавез. Сепак, од него наследи несигурна економија, која зависеше од високите цени на нафтата и системот на авторитарен популизам. Овој поранешен возач на камиони ја предводи администрацијата чие владеење е одбележано со хиперинфлација, недостиг на храна и лекови, рестрикции на струја, масовни протести, напади со дронови, дезертерство, санкции. Сепак, 56-годишниот голем фан на Џон Ленон и Лед Цепелин, секогаш успеваше да остане на власт.
Извор:НоваТВ




