“Во Република Македонија никогаш немаше некакви опструкции или дека чувствувавме некаква верска опструкција, или дека ќе дојде до некакви промени. Нашите верски слободи и права се дадени во Уставот на РМ”

Западен Балкан: Верските слободи загарантирани, но различните толкувања ја загрозуваат нивната примена

СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА/ПОДГОРИЦА/БЕЛГРАД/САРАЕВО/ЗАГРЕБ/ (AA) – Иако во земјите од Западен Балкан верските слободи се загарантирани, различните толкувања и понатаму ја загрозуваат нивната примена во пракса, покажува регионалната анализа која ја направи Anadolu Agency (AA), за состојбата во однос на ова прашање.

Во Република Македонија нема поголеми проблеми и опструкции каде верските права и слободи се загарантирани со Уставот на Република Македонија, вели во разговор за АА, Мерсиха Смаиловиќ, дипломиран правник и претседател на здужението на жени “Еду Ниса” од Скопје, кое постои од 2010 година.

“Што се однесува до верските права и слободи, можеме да кажеме дека во Република Македонија никогаш немаше некакви опструкции или дека чувствувавме некаква верска опструкција, или дека ќе дојде до некакви промени. Нашите верски слободи и права се дадени во Уставот на РМ, посебно во самата преамбула, каде се вели дека секој има право својата вероисповед да ја манифестира на начин на кој неговата вера налага”, вели Смаиловиќ.

Според неа, во правосудните органи никогаш немаше дискриминација и дека со самиот Устав на Република Македонија институциите ги прифатиле законите кои се менувале, но дека никогаш не навлегувале во однос на прашањето на верските слободи и права.

“Што се однесува до вработените во државните институции имаме вработени муслиманки во Врховен суд кои работат со години без било какви опструкции, а исто така имаме жени со хиџаб во сите институции, дури и во јавниот медиумски сервис”, истакна Смаиловиќ, која потсети на случајот од 2007 година кога жените муслиманки во Македонија покренаа иницијатива на жените муслиманки кои носат марама да им биде овозможено за личните документи да се сликаат со марама.

Акцијата е покрената во 2007 година, а законот го смени тогашната министерка за внатрешни работи.

“Од кога го детектиравме тој проблем на дискриминација на жената муслиманка, ние реагиравме и таа промена вроди со плод. Дискриминацијата постои, но кога реагирате, се исправа. Иако не би требало да постои таков вид на дискриминација. Она што е исто така многу важно, на што сакаме да им укажеме на институциите, дека марамата не е симбол во исламот туку многу повеќе од тоа. Марамата не претставува нити крст, нити Давидова sвезда или месец и sвезда. Таа е есенцијалниот дел од нашето верување.Таа е императив даден во самиот Куран”, додаде Смаиловиќ.

– Употребата на верските симболи во Албанија

Употребата на верските симболи во образовните институции не само во Албанија, се карактеризира со дебата за различни аспекти во однос на ова прашање. Во некои органи на управување со образованието во оваа земја, во последните години беше забрането учениците да носат марами во училиштата иако немаше јасни законски одредувања во однос на видот на верските симболи во училиштата.

Но моментално, ова законодавство нема законски одредувања дека забранува и јасно да наведе за забраната на верските симболи од поедници, во оваа институција сè уште е предмет на различни законски толкувања. Постојат законски дефиниции само за верските симболи во врска со самите образовни институции.

Во Уставот на Албанија се истакнува дека никој не може да биде дискриминиран врз основа на полот, расата, верата, религијата, етничката припадност, јазикот, политичкото мислење, религиските и филозофските мислења, економската состојба или врз основа на потеклото.

Исто така, во Уставот се наведува дека слободата на совеста и религијата е загарантирана и секој е слободен да избере дали ќе ја смени религијата или убедувањето, како и тоа да го изрази поединечно или колективно, јавно или приватно преку богослужбата, образованието, праксата или обредите.

Конди Илија, адвокат од Албанија, за АА рече дека правниот аспект, посебно на заштитата од дискриминација е Законот за заштита од дискриминација донесен во 2010 година. Наведува дека член 10 од овој закон, наречен “совест и религија”, забранува дискриминација во остварување на слободата на совеста и религијата посебно кога тоа има врска со нивното изразување, поединечно или колективно, јавно или приватно, преку богослужбата, образованието, практицирањето или извршување на ритуалите.

Додека во законот кој е усвоен 2015 година за високо образование во Албанија не е опфатена употребата на верските симболи од страна на поединецот.

Изборот на Албина Нанај, советничка во Градското Собрание на Тирана минатата година, да носи хиџаб ( да ја покрие главата со марама во склад со исламските прописи) ги смири гласовите против одржување на симболите во државните институции и училишта, овозможувајќи на тоа да не се гледа како на проблем на законот или проблем на секуларизмот.

– Слободата на вероисповед во Косово е загарантирана со Устав

Слободата на вероисповед во Косово е загарантирана со Уставот. Со членот 38 се гарантира слобода на вероисповед, уверување и совеста, вклучувајќи го правото на “прифаќање и искажување на својата вера, право на изразување на личните уверувања и право на прифаќање или неприфаќање на членството во некоја верска заедница или група”.

Меѓутоа, иако таа слобода е загарантирана со Уставот таа не е секогаш испочитувана во пракса, истакнува Лабиноте Дема-Муртези, првата и досега единствена пратеничка со хиџаб во Собранието на Косово. Таа наведува дека обидите да се ограничи слободата на носење на марамата на жените и девојките муслиманки во јавните институции се оправдувани со фактот дека Косово е “лаичка земја”.

“Оние кои сакаа да прават проблеми, што повеќе беше индивидуално прашање на одредени лица, се повикуваа на фактот на лаичка земја, но жените и девојките кои ангажираа адвокат секогаш се повикуваа на членот (од Уставот) кој го гарантира правото на искажуање на верските уверувања во јавноста. Од време на време имавме проблеми, но за среќа тие проблеми во последно време се намалени, да не речам потполно исчезнати”, вели таа.

Пратеничката Лабиноте Дема-Муртези потсети дека до оваа година, секој септември и почетокот на новата училишна година беше тежок за граѓаните на Косово, бидејќи девојките со хиџаб останаа надвод од училишните клупи, поради постоење на административна уредба за забрана на носење на марама во училиштата со образложение дека под 18 години не се зрели самите да одредат дали ќе носат марама.

“Меѓутоа, неодамна актуелната Влада донесе одлука дека прашањето на марамата не се гледа како проблем, односно дека не се дозволува нејзино носење во институциите, но дека таа одлука сè уште не е дојдена во Собранието поради нашата политичка ситуација”, рече Дема Муртези, која порача дека граѓаните како и таа веруваат во вистинските вредности без разлика на нејзниниот излгед и изгледот на останатите.

– Министерството за образование на Црна Гора: Никој не може да биде дискриминиран поради носење на марамата и капата –

Во земјите од регионот нема поголеми случаи кога се во прашање верските обележја во правосудните институции. На пример, помеѓу останатите, Црна Гора во правосудните органи до сега не е забележан било каков проблем кога е во прашање влегувањето на лица со верски обележја.

“До сега немав можност да видам дека се појавува нешто карактеристично за таков проблем. Во Вишиот суд во Подгорица постои квалитетна контрола и секое лице кое не е адекватно облечено не може да влезе во судот. Досега немавме проблеми, дури и доколку имавме, тоа се решаваше на културен начин. Куќниот ред во секој суд го дефинира начинот на однесување и облекување на оние кои влегуваат во судот. Кога се во прашање другите црногорски институции, сето тоа е дефинирано со правилници во установите, рече претседателот на адвокатската комора на Црна Гора, Здравко Беговиќ.

Потсетуваме дека во почетокот на 2015 година, доаѓањето на ученичката Е.К (16) со хиџаб на настава во Гимназијата “Нико Роловиќ” во Бар, предизвика бројни реакции во Црна Гора. Тогаш еден од професорите на оваа институција одби да предава во одделение во кое се наоѓа Е.К, поради носење хиџаб. Дел од професорите на барската гимназија се обратија до Уставен суд, барајќи толкување на договорот помеѓу Црна Гора и Исламската заедница во Црна Гора. Тогаш, од Исламската заедница на Црна Гора е соопштено дека носењето на хиџаб е дел од практикувањето на исламот и дека тоа е загарантирано со Европската конвенција за човекови права и со Уставот на Црна Гора.

По повод овој случај тогаш се огласи и ресорното Министерство за образнование на Црна Гора, напоменувајќи дека никој не може да биде дискриминиран поради носење марама и капа, кои се составен дел од носијата на една вера.

– Во Србија не постои официјална забрана-

Во Србија официјално не постои забрана, ниту пак постои закон кој забранува носење и истакнување на верските обележја на јавните места, државни и јавни институции.

“Во Србија, и грбот и знамето и химната се црквени, односно верски. А Србија е едно мултинационално општество каде што има 21 малцинство и тоа не е ускладено” рече за АА претседателот на Бошњачкиот национален совет, Сулејман Угљанин, и додаде дека основниот темел и принцип на демократското општество е слободата на изборот.

Наведувајќи дека слушнал дека во Босна и Херцеговина се јавил проблем за забрана околу влегувањето на жените со хиџаб во судовите, Угљанин наведе дека во Србија може да се види на многу места, а најмногу на граничните премини дека полицијата и обезбедувањето “многу дрско и безобразно се однесува и на покриените жени се обидуваат да им ги тргнат марамите и да го видат она што не можат да го видат” .

Тој додаде дека смета дека таа одлука е голема штета за БиХ, поради тоа што носењето на марамата, шеширот или било што друго е личен избор.

“Ако појдеме од аспект на културата, тоа може да бидат модните детали, а може да биде и дел од културниот идентитет. Според тоа, во Србија гледаме и нашите колешки кои го носат крстот како моден детал” но некои носат брош, а некои месец и sвезда. Мислам дека е убаво секој да направи избор”, рече Угљанин.

-Босна и Херцеговина: Борбата за докажување дека хиџабот не е симбол туку прашање на идентитет на жената муслиманка

Заклучокот на Високиот судски и обвинителски совет на Босна и Херцеговина (ВСОС) за забрана на носење на верските симболи , како и за практикување на верата за време на работното време во правосудните институции од септември 2015 година, проследен е до сите претседатели на судовите и на главните тужители во Босна и Херцеговина предизвика бројни полемики во оваа земја кои не стивнуваат ни после пет месеци по неговото донесување.

Полемиката за заклучокот со кој е укажано на соодветните членови од законот за судовите во Федерација БиХ и Република Српска, генерално се води околу тоа дали ваквото правило може да се примени на жените кои носат хиџаб. Во Босна и Херцеговина ваквите жени секојдневно се појава и можат да се видат на различни работни места, а учествуваат во сите животни сфери. Досега немаше вакви и слични забрани кога станува збор за босанско-херцеговските институции.

Реагираше и Исламската заедница на БиХ која најостро го осуди потегот на Високиот судски и обвинителски совет на БиХ, барајќи од институциите која ги именува обвинителите и судиите во сите судови и врши надзор над работата на правосудните институции во БиХ, да ги преиспита своите одлуки и заклучоци и прецизно да дефинира што е тоа што се подразбира под верско обележје. ВСОС на БиХ и по расправата на 10-ти февруари оваа година остана при поранешниот заклучок кој се однесува на забрана на носење на верските обележја во правосудните институции и вети дека поради подобро разбирање на содржината и суштината на овој заклучок ќе објави јавен меморандум на веб страницата во кој ќе бидат подетално разјаснети и интерпретирани причините за неговото донесување.

Најавени се и разговори со претставниците на сите верски заедници во БиХ и на заинтересираните претставници на законодавната и извршната власт во БиХ. Претседателот на ВСОС на БиХ, Милан Тегелтија, рече дека “не се работи за одлука за забрана на хиџабот, туку се работи за став на ВСОС кој се однесува на сите верски обележја, одосно дописот кој Советот на барање на судовите и обвинителствата во БиХ го проследи како насочувач за спроведување на законските овластувања од Законот за судовите во Федерацијата на БиХ, Законот за судовите во Република Српска и Законот за судовите во Брчко Дистрикт во БиХ, а со чии одредби е забрането изразување на верската, националната и политичката припадност, како и истакнувања на таквите обележја во судовите на спомнатите нивоа” .

– Не е спорен членот на Законот за судовите на Федерацијата на БиХ туку неговото толкување-

Елвис Зорниќ, претседателот на Самостојниот синдикат на кантоналните државни службеници и вработените во Сараево за АА рече дека “што се однесува до самиот член 13 од Законот за судовите во Федерацијата на БиХ, тие како синдикална организација немаат никакви проблеми со тоа.

“Самиот коментар во тој закон е сосема јасен. Тоа е коментар каде изрично на судовите, односно во судските простории не е дозволено истакнување на било кои верски и политички и било какви други обележја. Тоа е сосема во ред. Ние си имаме свои кодекси што се однесува до државните службеници, вработени и тоа се етички кодекси за однесување. Што се однесува до судиите тие имаат свој посебен кодекс. Кога е во прашање зградата на општинскиот суд во Сараево ниту во една просторија во овој суд не постои sид на кој се наоѓа било каков вид на вакво обележје. Единствени обележја кои се дозволени и по правилник и по закон се државните обележја”, истакна Зорниќ.

Според него, “она што на нив им е најголем проблем и поради што морале да реагираат е толкување на членот 13 од Законот за судови во Федерација на БиХ, посебно од високите функционери на ВСОС на БиХ”.

“Протоклуван е на потполно погрешен начин и со самото тоа предизвика големи поделби и помеѓу вработените во правосудните инситуции, а верувам во целото граѓанство. Почуствувавме дека со самото тоа се нарушува правото на нашите колеги без оглед на верската припадност. Сметаме дека со тоа одреден ден од нашите колеги не се чувствува пријатно, да се загрозува нивното право на работа и едноставно моравме да реагираме на тој начин” , појасни Зорниќ во врска со барањето кое го упатиле до ВСОС.

Им оставија рок од 30 дена. Потсети дека во соопштението јасно стои дека тие “своите ставови ќе ги бранат со протести и со предупредувачки штрајк доколку тоа биде потребно”.

“Ние со ова барање сакавме да ги заштитиме нашите членови кои се чувстуваат непријатно. Што се однесува до иницијативата нема потреба да се менува тој член бидејќи тој не беше прекршен во ниту една правосудна институција. Единствена работа која во принцип пречи и која ја расипува таа слика на тој член е неговото толкување”, порача Зорниќ.

Нагласи дека “целата таа тема и реторика отиде во погрешен правец”. “Никогаш никој од нас меѓусебно немал некаков вид на проблем врзан за таквите работи”, додаде Зорниќ. Апелираше до ВСОС на БиХ да го повлечат тој заклучок, бидејќи тој не му припаѓа на ова општество кое е мултикултурно и мултиетничко.

“Поради тоа треба да бидеме горди, бидејќи по тоа сме препознатливи и во светот”, истакна Зорниќ.

– Хрватска: Искажувањето на верата е лична работа која мора да остане во рамките на верскиот објект или дом-

За состојбата во Хрватска зборуваше Бранко Шериќ кој рече дека со Уставот на Хрватска не е регулирано истакнувањето на верските обележја и дека во пракса за крстовите во судниците и во другите државни институции нема место.

Меѓутоа, според неговите зборови, носењето на верските обележја во суд во текот на судската расправа не може да се забрани освен доколку безбедносните причини налагаат соблекување на капата или шапката поради видео-надзорот и можноста за идентификување на лицето кое влегува во суд. Носењето на марамата, наведува, зависи од дозволата на судскиот совет, но носењето на бурката во суд не е дозволено.

“Полицијата би го запрела мажот со покриено лице на улица, со што е врзана можноста некој да се камуфлира во женска облека” истакна Шериќ. Додаде дека никој нема да ги запира на улица жените и дека тоа не е забрането, но истакнува дека сепак, тоа предизвикува сомнеж.

Шериќ смета дека носењето и истакнувањето на верските обележја при вршење на јавните должности и работи е непримерно и дека не би било примерно, на пример некој да истакнува голем крст на градите. Напоменува дека изразувањето на верата е лична работа која мора да остане во рамките на верскиот објект или дом. На прашањето како ја коментира препораката односно забраната за носење на верските ознаки на водителите и новинарите на информативните емисии на хрватската јавна телевизија, Шериќ истакна дека истакнувањето на верските обележја е работа на внатрешната проценка на секоја куќа и организација.

Маријана Бијеќиќ, член на Здруженито за заштита на правата и религиозни лица и религиозно толкување на светот “Протагора”, истакна дека е пракса на судовите во Хрватска често да се наоѓаат симболи на католичката вероисповед, пред сè крстови, а постојат и статистики кои покажуваат дека на граѓаните во текот на процесот на судењето се поставуваат прашања околу верската вероисповед, на што не се должни да одговорат.

Таа истакна дека имало случаи на жени со хиџаб во Хрватска да им се дозволи фотографирање за лични документи, што е спротивно со прописите кои кажуваат дека главата мора да биде сосема откриена, без наочари, па дури и косата мора да биде отстранета од деловите на лицето. Таа рече дека во судовите носењето на хиџабот не се забранува, но дека тоа е многу ретка појава во Хрватска. Бијеќиќ сведочи дека во болниците можат да се сретнат лекари со големи крстови, како и дека во училиштата не само што вработените носат крстови, туку тие се често истакнати и по sидовите, како и киповите на светците.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here