Стотици илјади луѓе синоќа протестираа во Израел против планираните реформи во правосудството, десетта сабота по ред.

Си-Ен-Ен пишува дека на улиците излегле околу половина милион луѓе.

Само во Тел Авив се собраа околу 240.000 луѓе, а многу помалку во Хаифа, околу 50.000.

Протести против контроверзната реформа се одржаа и во Ерусалим, Бершеба, Еилат и неколку други градови.

Пред неколку дена израелскиот претседател Исак Херцог за првпат јавно проговори против плановите на десничарската влада.

Тој рече дека судските реформи се грешка, репресивна и поткопување на демократските основи на Израел.

Тој рече и дека е договорен компромис меѓу поддржувачите и противниците на реформата.

Деталите за компромисот се уште не се познати на јавноста.

Клучните елементи на реформата би можеле да поминат на последното гласање во израелскиот Парламент следната недела, според локалните медиуми.

Според плановите на Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Парламентот со просто мнозинство ќе може да ги поништи одлуките на Врховниот суд.

Дополнително, политичарите ќе добијат поголемо влијание врз назначувањето на судиите.

Критичарите го гледаат тоа како закана за демократската поделба на власта и стравуваат дека реформите би можеле да му овозможат на Нетанјаху да избегне осуда во неговото судење за корупција.