Поради разорните земјотреси во јужните провинции на Република Турција, во кои загинаа стотици луѓе, во таа земја е прогласена седумдневна национална жалост, потврди турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува Анадолија.

– Поради земјотресот во Турција, прогласена е седумдневна национална жалост  – рече Ердоган и додаде:

– Нашето знаме ќе биде спуштено на половина копје во сите наши претставништва во земјата и во странство до зајдисонце во недела на 12 февруари – рече Ердоган.

Најмалку 1.651 лице загинаа, а 11.119 се повредени во земјотресите во Турција, потврди денеска турскиот министер за здравство Фахретин Коџа.

Земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала утрово ја погоди јужна Турција.

Епицентарот на земјотресот е регистриран во областа Пазарџик во Кахраманмарас, Турција.

Потоа во 13 часот и 24 минути нов земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала ја погоди областа Елбистан, исто така во Кахраманмарас.

Најмалку 968 луѓе загинаа, а повеќе од 2.400 се повредени во Сирија по серијата силни земјотреси во југоисточна Турција што го потресоа поширокиот регион рано во понеделникот.

Земјотресот беше особено почувствуван во градовите Идлиб, Алепо, Хама, Латакија и Рака, каде што се урнаа бројни згради.