АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган даде одредени сигнали за можна копнена операција во северен Ирак и северна Сирија за елиминирање на терористичката закана, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Прво, оваа операција во северен Ирак и северна Сирија не е операција што е спроведена со случајна мисла велејќи ‘кој што би рекол?’ или ‘како ќе се случило тоа’?“

„Како што рековме претходно, ако некој ја вознемири нашата држава и територија, ќе го натераме да ја плати цената. Значи, постојат терористички организации на нашиот југ кои планираат многу напади или кои вршат такви напади и претставуваат закана [за Туркије]“, изјави Ердоган за новинарите во претседателскиот авион со кој се враќаше од своето патување во Катар.

Тој ги даде овие изјави откако Туркије рано вчера (недела) ја започна операцијата „Канџа-меч“, прекугранична воздушна кампања против терористичката организација ЈПГ/ПКК која има засолништа преку ирачката и сириската граница, каде што планираат напади на турска територија.

„Ова не е ограничено само на воздушна операција“, нагласи Ердоган, додавајќи дека релевантните единици ќе ги направат своите консултации и ќе преземат чекори соодветно на тоа.

Воздушната операција на Туркије следуваше по терористичкиот напад минатата недела на преполната улица „Истиклал“ во Истанбул, во кој загинаа најмалку шест лица, а 81 беа повредени.

Турското Министерство за национална одбрана соопшти дека операцијата е спроведена во согласност со правото на самоодбрана според член 51 од Повелбата на Обединетите нации (ОН).

Ердоган истакна дека речиси 70 авиони, вклучително и вооружени беспилотни летала, учествувале во операцијата и додаде дека уништени се вкупно 89 позиции на терористите, вклучувајќи засолништа, бункери, пештери, тунели и складишта за муниција.

„До овој момент гаѓани се 45 позиции на терористите на длабочина од приближно 140 километри на територијата на северен Ирак и 44 цели на длабочина од околу 20 километри во Сирија“, додаде тој.

На прашањето дали Туркије разговарала за оваа операција со Русија и Соединетите Американски Држави (САД), Ердоган рече: „Не сме имале никакви разговори со американскиот претседател Џо Бајден или рускиот претседател Владимир Путин во врска со оваа операција. Сепак, и Бајден и Путин веќе знаат дека можеме да реализираме такви работи во овој регион во секое време“.

„Туркије е со САД во НАТО“, рече Ердоган, нагласувајќи дека Вашингтон за жал има испратено илјадници парчиња опрема, муниција и оружје во зоните на терористите во Сирија.


Anadolu Agency