Работното место многу повеќе наликува на минско поле, отколку на работно место каде што човек би требало да заработи чесно, да напредува, да се афирмира. Предничи земјоделството како број еден убиец во Македонија, на второ место е градежништвото, потоа тешката индустрија, вели Милан Петковски од Здружението за заштита при работа.

Господине Петковски, во изминатите недели споделувате информации за починати и повредени работници. Се добива впечаток дека расте бројот на жртви. Какви се податоците со кои располагате?

Дефинитивно во Македонија се гине на работните места. Според онаа статистика што ние годишно ја објавуваме на 28 април на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, би рекол дека еден работник неделно ни гине на работното место. Не се тоа само едни специфични професии, туку, би рекол, цел спектар на професии каде што македонскиот работник гине на своето работно место. Често пати, за да ја доловам сликата до обичниот граѓанин, правам паралела дека работното место многу повеќе наликува на минско поле, отколку на работно место каде што човек би требало да заработи чесно, да напредува, да се афирмира.

Во секој случај, имаме уште многу да одиме во насока на подобрување или обезбедување на безбедни и здрави работни места, а тоа многу поспоро ќе ни оди доколку го задржуваме овој таканаречен балкански менталитет каде што сметаме дека работниците се само уште еден ресурс.

Повеќе на:РСЕ