Претседателот на Јувентус, Андреа Ањели и првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез не се откажале од проектот за „Суперлига“, тврди угледниот италијански весник „Газета дело спорт“.

Како што се наведува, по пропаѓањето на проектот минатата година, Ањели и Перез „зад грб“ подготвуваат нешто слично.

Во новото натпреварување би учествувале 24 клуба, но не се знае како и според кои критериуми би се обезбедил пласманот.

Проектот од 12 клуба беше претставен лани во април, но пропадна за 48 часа. По острите критики од фудбалските организации, клубови и навивачи, од проектот се повлекоа прво клубовите од Премиер лигата, а потоа и другите, освен Јувентус, Реал Мадрид и Барселона.

Весникот наведе дека Ањели и неговиот колега од Реал, Флорентино Перез работат на алтернативен план, кој денеска ќе го претстави првиот човек во црно-бело.

По повод шпекулациите во медиумите се огласи и првиот човек на УЕФА – Александар Чеферин.

Чеферин остро ја осуди оваа идеја, велејќи „дека водечките луѓе на европските великани очигледно живеат во паралелен универзум, бидејќи прво ја започнаа приказната за Суперлигата среде пандемија, а сега среде ситуацијата во Украина. ”

Суперлигата е бесмислена идеја“, додаде Словенецот.

Чеферин додаде дека сите клубови кои ја поддржуваат новата идеја за Супер лигата ќе бидат исфрлени од УЕФА и ќе им биде забрането да се натпреваруваат под покровителство на Европската куќа на фудбалот.

Идејата за Суперлигата се врати и ќе видиме каков ќе биде понатамошниот исход…