Кошаркарскиот клуб Зенит од Санкт Петербург, излезе со официјално соопштение поради најавата на некои клубови од Евролигата дека не сакаат да играат против руски тимови поради ситуацијата во Украина и одлуката да ги „пресели“ натпреварите од Русија.

Евролигата ги објави заклучоците од состанокот на сите учесници, на кој беше констатирано дека привремено сите домашни натпревари на руските тимови ќе бидат префрлени во други земји.

„Натпреварите на руските тимови кои се играат надвор од руска територија, ќе се играат според планот. Натпреварот меѓу ЦСКА и Барселона нема да се одигра во недела“.

Од Зенит беше испратен апел дека кошарката треба да биде надвор од политиката.

„Тоа е основна аксиома и треба да биде основа на сите турнири и натпревари. И покрај сите разлики во однос на политиката и личните преференци, европските клубови ги обединува идејата и визијата за развој на кошарката преку границите, без разлика на политичката ситуација. Ги почитуваме ставовите на сите клубови кои играат во Евролигата и сакаме да се бориме секој од нив да биде слушнат“, се наведува во апелот.

Клубот исто така истакна дека е отворен за соработка со луѓе од сите страни на светот.

„Нашиот клуб има играчи, тренери и специјален персонал од Шпанија, Грција, Литванија, САД, Украина, Молдавија, Полска, Белорусија и Русија. Сите сме обединети под една заедничка цел – кошарката. Сите заедно, нашите семејства и најблиските, поминуваме низ тешка ситуација поради актуелните случувања и сите сакаме само да продолжиме да одиме кон заедничка цел и цел, чесно и благородно да се натпреваруваме на паркетот со другите тимови од Евролигата.“

Како што се наведува, играчите на Зенит сакаат да играат кошарка.

„Се надеваме на чесна и непристрасна одлука која ќе овозможи сезоната да продолжи во целост. Сите три руски клуба го заслужија тоа право со своите игри оваа сезона. Убедени сме дека Зенит, ЦСКА и Уникс ќе продолжат да го докажуваат тоа исклучиво на кошаркарскиот терен. Политиката е тука за да ги раздвои луѓето, спортот е тука да обедини различни луѓе во име на заедничко разбирање. Ве молиме, не тргнувајте по краткиот пат на политиката за да се разделите и да се карате, туку да тргнете по долготраен пат кој ги поставува темелите за разбирање и мир вткаени во самото име и дух на спортот“, се вели во соопштението потпишано од првиот човек на Зенит, Александар Церковни.

„Dubai-Portal“