Додека руските ракети го гаѓаат Киев, луѓето кои бегаат од Украина, доаѓаат во Полска, Романија, Унгарија и Словачка, а многу од нив со часови чекаат на граничните премини, пренесува „Reuters“.

Германската влада се подготвува да обезбеди итна помош за бегалците. Може да прима илјадници, а можеби и милиони.

Еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин, го изврши нападот, претежно жени и деца ја преминаа границата, бидејќи Украина го ограничи преминот на мажи на возраст меѓу 18 и 60 години.

Ирина (36) го напуштила Киев заедно со мајка си и двете ќерки, на две и четири години и ја преминала границата кај Убла, во Словачка. „Мојот сопруг остана во Украина за да ја поддржи владата. Се молиме за Украина и се надевам дека се ќе биде добро“, рече таа во пограничниот град Снина.

Полските локални медиуми објавија дека некои чекале од 16 до 18 часа на страшниот студ, за да влезат во градот Медик, во јужна Полска.

Граничните власти соопштија дека 29.000 луѓе влегле во Полска, од Украина, од четвртокот, но не е познато колку биле воени бегалци, а колку Полјаци се вратиле дома.

Полскиот заменик-министер за внатрешни работи Павел Шефернакер, изјави дека на возачите на автобуси од Украина не им било дозволено да ја преминат границата, бидејќи треба да бидат регрутирани според возраста.

Михал Миелницук, портпарол на Војводството Подкарпаки во јужна Полска, рече дека на новодојдените им било обезбедено привремено сместување.

Активисти им помагаат на бегалците

„Огромното мнозинство луѓе, откако ќе изедат топол оброк, го продолжуваат своето патување до други места во Полска“, изјави тој за новинската агенција ПАП.

Илјадници луѓе од Украина дојдоа и во Словачка, а денес има многу помалку мажи од претходниот ден, јави известувачот на „Al Jazeera“, Марин Версиќ, од украинско-словачката граница.

На границата со северна Романија, жените плачеа додека ги поздравуваа саканите мажи кои се упатуваа кон Сигет Марматиеи, изјави сведок за Ројтерс.

Колони автомобили чекаа да се качат на траект преку Дунав, до градот Исачеи, кој се наоѓа меѓу Молдавија и Црното Море, објавија локалните медиуми.

Словачките власти повикуваат на дарување крв и ги опремиле болниците со 5.380 кревети за армијата или НАТО. Низ Централна Европа, од левата страна на НАТО, волонтерите организираа сместување и превоз за оние кои пристигнуваат од границите преку социјалните мрежи.

Активистите поставија пунктови за дистрибуција на храна и топли пијалаци, а ветеринарите се понудија да им помогнат на домашните миленици.

Бугарија почна да издава пасоши за своите граѓани во Киев, кои немаат патни исправи, а во главниот град на Украина испрати четири автобуси за евакуација.

Три автобуси, кои ќе евакуираат речиси 130 Бугари, ќе ја напуштат Одеса во петок, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи. Во Украина живеат најмалку 250.000 Бугари.