Повеќе од 400 државјани на Ирак кои беа заглавени на белоруско-полската граница во обид за премин во Европа, доброволно се вратија дома од Белорусија, а некои од нив за АА ги раскажаа страшните искуства од текот на престојот на границата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Авионот со одреден број ирачки државјани кои беа заглавени, слета во четвртокот вечерта на Меѓународниот аеродром „Ербил“.
Регионалната влада соопшти дека околу 20.000 луѓе, кои се обиделе да влезат во Европа преку Белорусија, биле заглавени веќе еден месец, а од нив 460 се регистрирале за да се вратат назад.
Во меѓувреме, уште 432 ирачки државјани донесени се во Багдад од Белорусија со лет од „Ирак ервејс“, во согласност со репатријацијата организирана од Министерството за внатрешни работи на Ирак.
„Добивме виза за Белорусија и отидовме да патуваме. Подоцна кога слушнавме дека е во тек миграција во Европа и помисливме дека ќе имаме подобра иднина, отидовме на граница. Меѓутоа, нашите соништа се срушија и се вративме во Ирак“, рече Абдулах Ахмед за АА на Меѓународниот аеродром во Багдад.

Уште еден Ирачанец, Ерсат Суфи, рече дека во Белорусија отишле пред 12 дена.
„Мислевме дека ќе започнеме нов живот така што првин ќе отидеме во Полска, а потоа во Германија. Трпевме глад и беда на границата“, раскажа Суфи.
Тој додаде дека биле сместени во шумски подрачја далеку од Литванија и Полска.
„Белоруските војници ни ги зедоа телефоните, храната, пиењето и парите. Успеавме да ги вратиме сосила“, рече Суфи.
Гласноговорникот на Министерството за надворешни работи на Ирак, Ахмад ес-Сахаф, исто така соопшти дека 571 ирачки државјанин се идентификувани во осум кампа во два региона на границата на Белорусија и Полска и дека на 18 ноември ќе биде организирано враќање за оние кои сакаат доброволно да се вратат.
Од август, Литванија, Латвија и Полска, државите на Европската Унија (ЕУ) кои граничат со Белорусија, регистрираа драматично зголемување на бројот на нерегуларни премини на границата.
Досега оваа година повеќе од 8.000 луѓе пробале да влезат во Европскиот блок преку границата со Белорусија и ЕУ, што е значително повеќе во однос на само 150 минатата година.
Од ЕУ тврдат дека Белорусија доаѓа до потенцијални патници преку навидум официјални канали, вклучително дипломатски мисии и туристички агенции и ги повикува нудејќи им визи. Потоа наводно ги носи до границите на ЕУ.
Од минатата недела најмалку 2.000 лица, меѓу кои жени и деца, се наоѓаа на белоруско-полското гранично подрачје во тешки услови.
Anadolu Agency








