Ниту еден авион на националната белоруска авиокомпанија Белавија не донел мигранти од Блискиот Исток во Белорусија, изјави претседателот на земјата Александар Лукашенко во интервју за рускиот магазин „Национална одбрана“.

Европската унија го обвини Минск дека им помага на мигрантите да стигнат до надворешните граници на Унијата во Полска, Литванија и Летонија како одмазда за западните санкции наметнати на Белорусија поради политичката репресија врз опозицијата.

„Па, ние летаме за Русија, летаме за Кина, на исток и така натаму, но ниту еден авион на Белавија не донесе мигранти овде, тие летаат со нивниот авион, Боинг, рече Лукашенко“, пренесе „ТАСС“.

Според Лукашенко, политиката на Западот доведе до ескалација на белоруско-полската граница, од каде илјадници емигранти сакаат да влезат во ЕУ. Тој вели дека Белорусија е под притисок од Западот поради мигрантската криза.

„Ќе ја одиграме нашата улога во оваа пресметка, како што се договоривме. Никогаш нема да се двоумиме! Настаните од минатата година покажаа дека тоа е хибриден напад и дека се уште трае, насочен кон нашата државност, нашата земја“, рече авторитарниот владетел на Белорусија.

На границата меѓу Полска и Белорусија, во регионот Гродно имаше ескалација на конфликтот и хаос. Две поголеми групи мигранти ја пробија жичената ограда на границата, неколку десетици луѓе ја минаа границата, на што Полјаците испратија дополнително засилување.

Мигрантите од Азија и Блискиот Исток постојано се обидуваат да најдат начин како да упаднат во ЕУ.


„Slobodedn pecat“