ИСЛАМАБАД (АА) – Висок талибански функционер денеска ја отфрли идејата за интегрирање на лидерите на опозицијата во Привремената администрација на Авганистан, истакнувајќи дека ниту една држава нема овластување да ги присили да прифатат претставници од поранешните влади во системот за управување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вршителот на должноста министер за надворешни работи на Авганистан, Амир Хан Мутаки, ги даде забелешките за програмата, организирана од пакистанска тинк-тенк организација со седиште во Исламабад, Институтот за стратешки студии, каде што тој беше гостин говорник.
„Талибанците веќе формираа инклузивна Влада која вклучува претставници од сите етнички групи низ државата“, рече тој, повикувајќи се на барањата на различните држави за различни етнички групи да бидат вклучени во управувањето.
„Ние имаме Таџици, Белуџи, Туркмени, Нуристанци, Узбекистанци и други бројни етнички групи“, додаде тој.
„Ако под инклузивност подразбираат вклученост на различни етнички заедници во Авганистан и луѓе од различни региони на државата, тогаш нашиот сегашен Кабинет и Влада ги исполнуваат тие критериуми“, тврди тој.
„Ако Владата на поранешниот претседател Ашраф Гани беше сметана за инклузивна, тогаш сите луѓе кои работеа во поранешната администрација се останати во сегашниот административен систем“, додаде Мутаки.
„И ако под инклузивност подразбираат дека политичките опозициски фигури имаат место во Кабинетот и други високи функции на владеењето, тогаш, ве молиме, покажете ни пример на таква влада во која опозициските фигури исто така заземаат позиции на моќ“, замоли тој, додавајќи, „Ние никогаш не сме побарале од господинот Бајден [претседателот на САД] да му даде место на Трамп [поранешниот претседател на САД] и на неговите членови на Кабинетот, тогаш зошто тие го бараат тоа од нас?“
Мутаќи, исто така зборуваше за безбедноста на државата, подвлекувајќи дека силите на Соединетите Американски Држави (САД) и НАТО не успеале да обезбедат мир во Авганистан, и покрај тоа што потрошија милијарди долари, а талибанците тоа го направиле со ограничени ресурси, „но, тие сѐ уште не знаат што сакаат повеќе од нас“.
Тој ја повика меѓународната заедница да зборува со нив и да дискутира за реформите кои таа ги сака во државата.
„Ние предложивме да работиме на тоа преку соработка а не преку притисок, бидејќи техниките на притисок не дадоа резултати во последните 20 години и сѐ уште се користат, укажувајќи дека лекциите не биле научени“, рече вршителот на должноста авганистански шеф на дипломатијата.
– Светот треба да ги дефинира човековите права –
Како одговор на прашањето за кршењето на човековите права во Авганистан, Мутаки ги обвини САД и нивните поранешни сојузници во државата за затворање и убивање на илјадници невини луѓе, а никој не се огласил за тоа.
„Кога авганистанските затвори беа преполни со 35.000 луѓе, селските пазари беа редовно напаѓани и селата беа бомбардирани на дневно ниво. Тоа не се сметаше за кршење на човекови права. Но сега кога нема ниту една политичка опозиција во затворите на Авганистан, тие тврдат дека човековите права се прекршени“, рече тој.
Вршителот на должноста министер за надворешни работи исто така искажа загриженост за потегот на Вашингтон да ги замрзне средствата на Авганистан, саркастично наведувајќи дека САД однеле милиони Авганистанци во хуманитарна криза, која никој не ја смета за прекршување на човековите права.
Мутаки, кој пристигна во Пакистан со тим од министри на високо ниво во средата, се сретна со министерот за надворешни работи, Шах Махмуд Куреши и другите членови на Кабинетот за трговија, финансии и воздухопловство.
Договорено е Мутаки да се сретне со премиерот Имран Хан.
Тој кажа дека Владата повторно отворила 100 проценти од болниците и здравствените центри во последните два месеци, како и 75 проценти од едукативните установи.
„Ние ја прашавме меѓународната заедница да ни помогне во исплаќањето на платите на наставниците, но таа го игнорира нашето барање, наместо да бара да се отворат училишта“, тврди тој, додавајќи дека тие управуваат со овие институции откако САД ги замрзнале нивните средства.
Тој додаде дека западните држави исто така ја прекинале помошта кон сите државни болници и здравствени центри.
„Покрај економските тешкотии, ние започнавме со исплаќање на плати на 500.000 државни службеници, кои работеа за претходната Влада, но не беа платени, и тие сите се вратија на своите должности“, информира тој.
Додаде дека неговата влада не отпуштила ниту една жена и ги повикала сите од нив да се вратат на работа.
– Пофалени разговорите помеѓу Владата пакистанските талибанци –
Мутаки ги поздрави и разговорите помеѓу пакистанската Влада и Техрик-е Талибан Пакистан (ТТП), главната милитантна група во Пакистан, и укажа на континуираната поддршка на Исламбад од страна на Кабул.
Тој исто така тврди дека сите антипакистански елементи го напуштиле Авганистан и искажа надеж дека мировниот процес помеѓу пакистанската Влада и Техрик – е Талибан Пакистан (ТТП) ќе биде продолжен.
„Ние ќе направиме сѐ што можеме за да се осигураме дека територијата на Авганистан нема да биде искористена против никого. Луѓето од овој регион многу страдаа, и ние не треба да му дозволиме на страдањето да продолжи“, продолжи тој.
Тој, исто така, искажа благодарност на пакистанската Влада и населението за угостувањето на милиони Авганистанци во последните четири децении.
В понеделник, пакистанскиот министер за информации, Фавад Чаудри, рече дека двете страни го постигнале „целосниот“ прекин на оган во „преговорите“ во согласност со Уставот на земјата.
Чаудри исто така рече дека авганистанската привремена администрација на талибанците ги олеснила разговорите, со цел враќање на мирот во немирниот северозападен регион, кој граничи со Авганистан и е поранешен терен на милитантната мрежа.
Anadolu Agency







