Ирската организација за заштита на приватноста на податоците изрази загриженост поради новите паметни очила, кои „Фејсбук“ ги направи во соработка со компанијата „Реј Бан“, барајќи од технолошкиот гигант да објасни дали уредот може правилно да ги информира луѓето што ги снима, пишува „Sputnik“, пренесува „Dubai-Portal“.
Минатата недела „Фејсбук“ претстави паметни очила, а уредот го привлече вниманието не само на медиумите, туку и на властите во голем број земји.
Во исто време, италијанското здружение „Гаранти Прајваси“ („Garante Privacy“), кое исто така се грижи за безбедноста на податоците на корисниците, побара од Националната управа за приватност на податоците на Ирска (DPC) да добие одговори од компанијата на Марк Цукерберг за тоа дали уредот е во согласност со законите за приватност.
Инаку, ирскиот регулатор е водечко тело на ЕУ за следење на активностите на „Фејсбук“, бидејќи европскиот бизнис на технолошкиот гигант е стациониран во Даблин.
И двата овие регулатори сакаат да знаат дали уредот може правилно да покаже дека ја снима околината и да ги информира луѓето во близина на корисникот за снимањето што е во тек.
„Фејсбук“ досега не обезбеди убедливи докази дека очилата ја имаат таа можност, процени ирската организација.
Очилата имаат многу мало индикаторско светло што се пали при снимање. Ниту на ирското, ниту на италијанското регулаторно тело не им беа доставени докази дека „Фејсбук“ или „Реј Бан“ извршиле сеопфатно теренско тестирање за да се осигураат дека индикаторот е ефективно средство за комуникација.
Паметните очила на „Фејсбук“ немаат никакви детали што би укажале дека се посебни, но изгледаат како обичен „Реј Бан“ модел. Сепак, овој пренослив уред доаѓа со две камери од предната страна, два звучници и три микрофони за снимање на околината. Се очекува батеријата да трае околу шест часа.
„Според тоа, DPC и „Гаранти“ сега го повикуваат „Фејсбук“ да потврдат и покажат дека LED индикаторското светло е ефикасно за неговата цел и да започне информативна кампања за предупредување на јавноста за тоа како овој нов производ може да доведе до подигање на свеста. Луѓето мислат дека постои начин некој да ги сними речиси незабележливо“, заклучи ирското регулаторно тело, пренесе RTS.
„Sputnik“
„Dubai-Portal“









