Една жена во Индија „за казна“ била натерена да се соблече и била принудена да прошета низ селото гола затоа што му се вратила на сопругот по наводната повеќемесечна врска со друг маж, објавија денес локалните власти и медиумите.

Жената била спасена од полицијата во областа Алипурдуар во сојузната држава Западен Бенгал, откако во неделата се појавија видеа на социјалните мрежи.

„Уапсивме тројца главни осомничени и го истражуваме инцидентот. Веројатно наскоро ќе има уште апсења“, рече шефот на локалната полиција Боланат Пандеј.

Наводно била извлечена од куќата и претепана

Според „Телеграф.рс“, 35-годишната жена го напуштила селото шест месеци порано, наводно со својот љубовник. Кога се вратила во домот на нејзиниот сопруг во четвртокот, некои селани ја испрашувале за тоа каде била, по што тие основале импровизиран суд за да одлучат за нејзината судбина.

Политичарите на владејачката партија го нарекоа инцидентот „варварски“. Имено, жената се уште е во шок и е во болница под силен медицински надзор.

Во индиските села и племенските области, не е невообичаено жена за која се смета дека е врачарка или има вонбрачни активности, да биде казнета со принудување да се соблече и да шета гола.

Некои жени се понижувани од други причини, поради неплатени заеми или деца со партнери од други касти.


„Sloboden pecat“