ЕУ порача: Нови избори во Венецуела или Гуаидо како привремен претседател

0
170

Европската унија (ЕУ) ќе го признае лидерот на опозицијата, Хуан Гуаидо, за привремен претседател на Венецуела, доколку во наредните денови не бидат објавени нови претседателски избори во земјата, објави агенцијата Анадолу (АА).

Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, повика на одржување на слободни, транспарентни и сигурни избори во Венецуела, во согласност со уставниот поредок и меѓународните демократски стандарди.

Ако не се објават нови избори, рече таа, ЕУ ќе преземе разни чекори, вклучувајќи го и признавањето на претседателот на националното собрание Хуан Гуаидо како привремен претседател, во согласност со членот 233 од Уставот на Венецуела.

Таа потсети дека изборите што се одржаа во мај минатата година не биле слободни, легитимни и веродостојни и дека треба да имаат влада која ќе ја претставува волјата на народот.

Венецуелските протести започнаа на 10 јануари на денот кога претседателот на Венецуела Николас Мадуро положи свечена заклетва и започна втор мандат како шеф на државата.

Опозицијата во Венецуела не ја признава власта на претседателот Мадуро, а лидерот на опозицијата и парламентот на таа земја, Хуан Гуаидо, се самопрогласи за привремен претседател.

Мадуро тврди дека тоа е обид за државен удар поддржан од САД, кој отворено застана на страната на Гуаидо.

Покрај САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта, исто така, го поддржаа Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај. Од друга страна, Турција, Иран, Русија Боливија, Мексико и други земји продолжуваат да го признаваат легитимноста и да ја поддржат владата на Мадуро.