Русија ги предупреди САД да не се мешаат воено во Венецуела

0
213

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, ги предупреди САД да не се мешаат воено во состојбата на Венецуела, бидејќи таквиот чекор би можел да има катастрофални последици, јавува Anadolu Agency (AA).

Рјабков во изјавата за медиумите ја коментираше одлуката на САД да го поддржат Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател на оваа земја.

Тој ги обвини САД и уште неколку земји дека со различни изговори го зголемуваат притисокот на Венецуела и укажа на трендот на продлабочување на разликите меѓу државите на тоа подрачје.

Нагласи дека Русија нема да ја прекине соработката со Венецуела.

„Венецуела е наш стратешки партнер и ќе продолжи да биде тоа. Заедно со Венецуела ќе го заштитиме суверенитетот и немешањето во внатрешните прашања“, изјави Рјабков.

Тој се осврна и на можноста на американската воена интервенција во Венецуела.

„Ги предупредуваме САД, кога станува збор за можната воена интервенција во Венецуела. Таквиот чекор би можел да има катастрофални последици“, смета Рјабков.

Венецуела е средиште на масовни протести кои ги предводи опозицијата која има мнозинство во Парламентот на оваа земја.

Протестите во Венецуела започнаа на 10 јануари, кога Мадуро положи заклетва за неговиот втор мандат на функцијата шеф на државата.

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, синоќа соопшти дека ги прекинува дипломатските односи со САД и даде рок на американските дипломати за 72 часа да ја напуштат земјата.

Заедно со САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа и Бразил, Организацијата на американски земји, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај, додека Боливија и Мексико продолжуваат да го поддржуваат Мадуро.

И властите на Русија утринава ги обвинија западните земји за мешање во внатрешните работи на Венецуела.

„Случувањата во Венецуела јасно покажуваат дека прогресивниот Запад, со изборот на власта во Венецуела, претставува голема закана за меѓународното право, суверенитетот и немешањето во внатрешните работи на другите земји“, напиша портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.