Весници наместо влошки, шепотење наместо отворено зборување за менструацијата. Со вакви искуства се среќавала Андреа Накова од македонското здружение „Новинари за човекови права“, со која разговаравме за менструалната сиромаштија и вадењето на етикетата табу од темата-менструација.
Една од три жени во Северна Македонија нема пристап до менструални производи поради високата цена и тоа влијае на менструалната сиромаштија во земјата. Ова го покажуваат анализите на организацијата „Здружение за човекови права“ која речиси 10 години ја истражува менструалната сиромаштија и цели да ја искорени.
Кога ги анализирале трошоците за менструално здравје, во 2022 година, за менструална хигиена на жените им биле потребни околу 250 денари месечно. Сумата е добиена според пресметка дека просечна цена на пакетче влошки е околу 125 денари, а најчесто се потребни две. Сега, цените се уште повисоки, посочуваат тие.
„Во последните година и половина бевме сведоци на огромна инфлација, што значи дека цените и на овие производи се и тоа како пораснати, а примањата и не се со таков процент зголемени“, вели Андреа Накова, младински координатор во Новинари за човекови права.
Освен регуларните, некои користат и секојдневни влошки во остатокот од месецот. За дел од жените, пак, трошок се и лекарства поврзани со менструалното здравје. На удар се оние со ниски или без примања, но особено семејствата со повеќе женски деца.
„Најголем проблем се појавува во многудетните семејства со повеќе девојчиња, плус мајката на кои им се потребни менструални производи на месечно ниво, а примањата се најчесто само да речеме од едниот родител или таткото“, додава Накова.
Нејзиниот тим на терен сведочи дека некои бараат иновативни начини за намалување на трошокот, како на пример, со користење на менструална чашка за повеќекратна употреба. Но, има такви за кои единствена достапна алтернатива е весник наместо влошка.
„Се шијат и домашни влошки за повеќекратна употреба. Но за жал, има и ситуации каде користат една влошка подолг временски период, што секако не се препорачува. А во најлошите и најзагрозени случаи имаме забележано и слушнато дека користат весници, бидејќи тоа е најдостапно за нив“, вели младинската координаторка.
Повеќе на РСЕ