По повод одлуката за повлекување од работата и учеството во составот на Месната Самоуправа Подгорци, во контакт со нашата редакција нашиот сограѓани Башким Адемоски кој беше член во оваа Месна и официјално денес повеќе нема да учествува во работата односно нема да биде во составот на истата.

Во продолжение Ви ја пренесуваме содржината на неговата оставка, и причините за поднесување на истата:

JАВНО ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЗА МОЈАТА ОСТАВКА

Почитувани сограѓани, По сè што се случуваше во Месната заедница во изминатиот период, донесов конечна одлука да поднесам оставка како член. Не се повлекувам затоа што немам волја да работам за селото. Се повлекувам затоа што одбивам да бидам дел од систем во кој чесната работа се заменува со лични интереси, договори зад грб, поделби и валкани игри на поединци. Месната заедница не е ничија приватна сопственост, ниту место каде што некој треба да си гради лична позиција и влијание врз грбот на народот. Најголемиот проблем не е различното мислење. Различното мислење е нормално. Проблемот е кога од различното мислење се прави конфликт, кога народот намерно или ненамерно се дели и кога зад секоја одлука се бара личен интерес.

Уште полошо е што состанокот завршува, а разговорот продолжува по кафеани. Она што е кажано меѓу членовите веднаш се пренесува од човек на човек, често извадeно од контекст и дополнето со лични приказни. Тоа не е работа на Месна заедница. Тоа е рушење на довербата. Јас немам намера да седам на состаноци, да зборувам отворено и чесно, а потоа моите зборови да ги слушам преправени по кафеани. Ако некој има нешто против мене, нека има храброст да го каже пред мене, на состанок, а не зад грб. Ако некој има критика за мојата работа, нека ја каже јавно и со факти. Ако некој мисли дека може подобро — нека покаже со дела, а не со муабети.

Јас нема да учествувам во политика на озборување, поделби и собирање лични поени. Не сум влегол во Месната заедница за функција, за слава или за да бидам „некој“. Влегов со желба да помогнам. И затоа не прифаќам некој денес да ја користи работата на Месната заедница за свои лични цели, а народот да го гледа како публика која треба да му аплаудира. Мојата оставка е порака дека постои граница. Можам да прифатам несогласување. Можам да прифатам критика. Но не прифаќам дволичност, манипулации и игри зад грб. Затоа се повлекувам. Не бегам од одговорност. Се тргам од нешто во кое повеќе не ги препознавам принципите поради кои прифатив да бидам член. На оние што чесно работат за селото им посакувам успех.

А оние што се препознаваат во ова што го напишав — нека не се лутат. Не сум ги именувал. Ако некој се препознае, тоа е негова работа. Јас заминувам со чиста совест и без намера да молчам за работи со кои не се согласувам. Функцијата можам да ја оставам. Љубовта кон селото — не. Ви благодарам на сите што ми дадовте доверба.

БАШКИМ АДЕМОСКИ – поранешен член на Месна Самоуправа Подгорци