Правото и Правдата – Дек(А)Шер Колумна за в торба

by Admin

Правото и Правдата   

Статуа на Јустиција-персонификација на правдата

            Не можам да му пркосам на Аристотел и да кажам за себе дека не сум “zoon politikon”. Ги следам општествените и политичките збиднувања во својата земја, Балканот и пошироко. Во таа смисла и најзначајниот настан во Македонија –Изборите за претседател на државата ги следев со интерес. Меѓутоа каква е “демократијата“ во Македонија, и не само овде, некако на ум ми доѓаат и сакам со Вас да ги споделам, две мисли на двајца великани. Едниот е Мухаммед Икбал-великан на исламската политичка мисла кој рекол: “Демократијата не може да биде праведна бидејќи двесте магариња не можат да расудуваат подобро од еден, со разум обдарен човек“. Другиот е Платон-великан на грчката мисла кој на еден свој пријател му рекол: “…Ги гледаш ли оние тројца овчари на ливадана? Е се додека тие тројца можат да не надгласаат мене и Сократа и потоа да донесат одлука, јас во демократија не верувам

Можеби од тие причини, за мене изборите не беа најзначајниот настан минатава недела. Приматот настан на неделата беше посетата на саемот на книга во Скопје ден пред тоа. Себетот, промоција на книгата “Научно толкување на Уставот на Република Македонија“ на нашиот пријател, почитуваниот професор по Уставно право проф. др. Светомир Шкариќ. И уште еден нијет. Штандот на Арт Букс каде еден друг пријател, почитуваниот хуманист Јасмин Реџепи, покрај другото ја промовираше книгата Исламска декларација на Алија Изетбеговиќ “Исламска декларација“во негов превод на Македонски јазик. Посетата беше во друштво со моите пријатели Иса, Енвер и пратеникот Мевмед Џемајлоски, главниот “виновник“ за идејата организацијата на патувањето.

Иако сум љубител на правдата, со правото не сум “на ти“, ама сметам дека правото треба да биде “послушник и апологет“ на правдата. Мислам дека, за жел не секогаш е така. Не би должел со детали од промоцијата, само ќе напоменам дека професорот Шкариќ со неколку примери покажа дека во Македонија се крши Уставот и тоа од оние кои најмалку треба, или не смеат да го прават тоа. Мислам дека професорот како такви ги посочи и Уставниот суд и некои други институции во државава меѓу кои и претседателот Иванов кому ден пред тоа му се обрати со отворено писмо во кое ачик му порача дека не заслужува втор мандат! Многу строга, но за жал вистинита, беше констатацијата дека во Македонија наместо “јуридизација на политиката имаме политизавија на правото“.

Не знам дали во книгата го посочува(на промоцијата не го спомна) и претседателот на Собранието Трајко Велјановски кој исто така го прекрши Уставот кога на првата седница на Собранието во 2011 г., на барањето на пратеникот Мевмед Џемајлоски, тројцата пратеници-Торбеши да гласаат “по Бадинтер“ а тој го одби тоа со политикански, да не употребам посилен термин, паушален одговор, не сметајќи ја уставната категорија “други“ за уставна и обврзувачка. За разлика од него професорот Шкариќ тврди дека “секој збор дури секоја точка и запирка во Преамбулата на Уставот е обврзувачка“. Така ти е тоа во Македонија. Професорот и доктор по Уставно право кажува едно и никој не го слуша, а ученикот правник кажува друго, одлучува и седи во фотелјата резервирана за првиот парламентарец и втор човек во државата. Функција која според Уставот на Р. Македонија го заменува претседателот.

По завршувањето на промоцијата, краткиот муабет и неколку заеднички фотографии со почитуваниот прфесор се упативме кон штандот на Арт Букс кај нашиот пријател Јасмин Реџепи каде доминираше исламската литература.Од најновиот “Превод на благородниот Кур’ан“, “Кур’анот и Вселената“, “Од Исус до Мухаммед“, “Толстој за Мухаммед“ и др., до преводот на “Исламската декларација“на рахметли Алија Изетбеговиќ, која заедно со Кур’анот ја купив, иако веќе имам по неколку примероци.

Ни самиот не знам колку пати сум ја прочитал а “жедта“ пак и повторно да се чита тоа ремек дело е како кога пиеш морcка вода. Колку повеќе ја пиеш, пожеден си. Тоа е една од моите најомилени книги која во 1990 г. ја купив во десетина примероци и ја делев по пријатели. Тогаш беше за прв пат објавена на Босански јазик по многуте изданија на Арапски, Турски и Англиски јазик, а оваа е за прв пат преведена на Македонски јазик од страна на почитуваниот пријател Јасмин Реџепи. И кај него се задржавме на краток муабет и неколку слики за спомен а потоа на ручек и пат под нозе за Струга.

По пат цело време низ глава ми се вртеа мислите околу овие двајца големи љубители на правдата и правото обидувајќи се да најдам нешто заедничко помеѓу Изетбеговиќ и Шкариќ освен што и двајцата се правници. Претпоставувам дека професорот Шкариќ знае кој бил Изетбеговиќ. Не знама дали рахметли Изетбеговиќ слушнал или го познавал Шкариќ. Но сигурен сум дека кога би се познавале  и двајцата би ја имале истата почит еден кон друг. Како што јас имам голема почит кон двајцата.

Јас името Алија Изетбеговиќ за прв пат го слушнав далечната 1983/4 г. во тогашниот југословенски печат кој го стигматизираше како некаков “муслимански националист“, “фундаменталист“ и “рушител на уставниот поредок на Југославија“. Тогаш тој неправедно, во политички момтиран процес беше осуден на цели четернаесет години и речиси девет години чамеше во “апсана“ токму заради таа Исламска декларација. Подоцна имав прилика да прочитам, не само таа книга туку речиси се она што рахметли Алија напишал, кажал или направил. Како негов поклоник и голем почитувач во деведесетите години пристапив кон партијата СДА на чие чело беше тој и бев еден од основачите во Македонија. Ја имав таа чест и лично да го запознам тој во секој поглед голем човек-великан. Никогаш нема да ги заборавам деновите на првиот конгрес во Сарајево каде како делегат имав можност три/четири дена да се дружам со него како што нема да преболам што не успев да присуствувам на неговата џеназа. Но не пропуштам прилика кога сум во Сарајево да го зијаретам неговиот мезар и да му проучам Фатиха.

Професорот Шкариќ е познато име во Македонија и пошироко. Не само во правничката фела ами и за тие што ја следат политиката. Еден е од творците на Уставот и автор на многу книги од областа на правото. Тој беше еден од ретките експерти кој имаше доблест, не само да проговори туку и да застане на страната на правото и на страната на правдата кога се расправаше за Торбешите. Проговори и поранешниот прв спикер Саво Климоски ама тој го оценуваше политичкиот момент и “погодноста“ за отворање на торбешкото прашање. Школски пример за политизација на правото! Додека ексертот по Уставно право ачик кажа дека секој кој е различно деклариран од споменатите заедници во Преамбулата, значи  категоријата “други“, а во таа смисла и Торбешите имаат уставно право и да гласаат по “Бадинтер“ и да членуваат во Комисијата за односи меѓу заедниците. Минатата година имав чест и лично да го запознам на тематскиот состанок на Партиципативниот форум при Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) на која се расправаше токму на темата “Измени и толкувања на законските акти кои се однесуваат на заедниците и идентификација на механизми за комуникација на заедниците со органите на државна управа“   на која тој имаше извонредно излагање како координатор и модератор. Од тој состанок произлегоа многу предлози и иницијативи и препораки за подобрување на состојбата не само на торбешката заедница туку и за другите обесправени заедници. Колку од тоа ќе допре до ушите на власта времето ќе покаже. Место за многу оптимизам, барем засега, нема многу. Но борбата за правото и за правдата никогаш нема да престанат.

За крај на оваа колумна чувствувам за потребно да објаснам за оние кои ќе се запрашаат “ Каква врска имаат Алија Изетбеговиќ и Светомир Шкариќ?“ Освен што и двајцата се правници имаат мошне допирни точки. И Алија на времето индиректно му забележуваше на претседателот “браварот“ кој не го почитуваше мислењето на правникот како што Светомир му забележува на претседателот “ученикот“.  И Алија едно време му кажа на власта дека не ја милува многу(“ Ја сакам својата земја, своето семејство, својата слобода и тн. така што малку љубов останува за власта) како што Светомир (“Јас толку ја сакам власта и политичките партии што не сум член во ниту една“) Има уште многу паралели помеѓу овие двајца но да не ги набројувам. Доволна е  само оваа која сакам на крај да ја потенцирам. Имено. Кога Алија и Шкариќ говорат за правото тогаш правото може да се поистовети со правдата. Тогаш правото и правдата се едно. Барем мене така ми се чини.

                                   

You may also like

Leave a Comment