( Текстот ги опфаќа сите наши населби: Лабуништа, Подгорци, Октиси, Боровец.. и др..)

Во изминатите години нашите населби доживуваат интензивна урбанизација – улиците се асфалтираат и бетонираат, се бетонираат и тротоарите, а секој слободен простор сè повеќе се претвора во градежна површина. Но, додека надлежните институции постојано зборуваат за модернизација и инфраструктурен развој, како целосно да се занемарува еден од најважните сегменти за безбедноста на граѓаните – хидрантската мрежа. Во голем број населби хидранти речиси и да нема, а таму каде што постојат, често се нефункционални, затрупани со асфалт, бетон или паркирани возила, со што нивната употреба во итни случаи станува речиси невозможна.

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што не постои јасна евиденција ниту од противпожарните служби, ниту пак од општините кои одобруваат и реализираат вакви инфраструктурни зафати. Наместо при секое ново асфалтирање или реконструкција да се предвиди поставување и уредување на хидрантска мрежа, во пракса најчесто се сведува само на бетонирање и асфалтирање, без сериозна анализа за безбедносните стандарди. Особено загрижувачки е тоа што станбените објекти во многу населби се од збиен тип, со тесни улици и минимален пристап за интервентни возила, што во случај на пожар може дополнително да ја усложни ситуацијата и да предизвика катастрофални последици.

Граѓаните со право прашуваат: дали некој воопшто размислува за ризиците? Хидранти можат и мора да се изградат, но впечатокот е дека ова прашање со години останува на маргините, додека приоритет добива само визуелното уредување на улиците. Без функционална противпожарна инфраструктура, секое ново асфалтирање не значи поголема безбедност, туку потенцијален ризик кој може скапо да ја чини заедницата.