Болни од канцер не можат да почнат да се лекуваат додека не добијат резултати од патологија, кои некогаш долго ги чекаат. На Институт за патологија има 11 патолози, кои лани направиле 30.000 анализи. Министерот за здравство Таравари најави дека со планот за специјализации, предност ќе се даде и за патолози

Жителка на Свети Николе денеска дојде во Скопје да бара резултати од примерокот што го земал пулмолог од трахеата на нејзиниот сопруг и на 25 јули бил даден на патолошко испитување поради малигно заболување. Оттогаш поминаа три недели, а никој не ги известил кога резултатот ќе биде готов и како ќе продолжи лекувањето.

Секој ден се јавувам на Клиника за онкологија, ми велат нема уште. Толку сум вознемирена, толку сум немоќна оти од тој резултат зависи каква терапија ќе му дадат. Додека чекаме, сопругот не се лекува и пропадна човекот. Крвна слика му се влоши, стана слаб, снема сила. На која врата на тропнам? Оставени сме сами на себе, без лек, во безизлезна ситуација“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) жената која побара да остане анонимна.

Повеќе на:RSE