Албанија: Продолжуваат протестите на студентите

0
174

Студентите од државните универзитети во Тирана денес продолжија со протестите со барање да се намалат на половина годишните тарифи за студирање и подобрување на условите во студентските домови, јавува Anadolu Agency (AA).

Студентите од Политехничкиот универзитет во Тирана, од Тиранскиот универзитет, од Универзитетот за земјоделство во Тирана, како и студенти од другите универзитети во останатите градови во земјата протестираат веќе три дена.

Откако Владата на Албанија вчера ја промени одлуката од мај оваа година, укинувајќи ја точката за тарифата за повторените испити, илјадници студенти денес се собраа пред седиштето на Министерството за образование, спорт и млади во Тирана, повторувајќи ги нивните други барања за да бидат исполнети од страна на државните институции.

Студентите демонстранти бараа да се намалат на пола годишните тарифи за студирање во академската година, кои се менуваат според универзитетите, подобрување на условите во студентските домови, како и застапеност во управните одбори на универзитетите.

Тие соопштија дела нема да се повлечат од протестите без да бидат исполнети сите нивни барања, и дека ќе продолжат да ја опкружуваат зградата на Министерството за здравство, спорт и млади.

Студентите извикуваа пароли како „Дојдете, соберете се тука“, „Намалете ги тарифите“, „Албанија е наша“, а во своите раце носеа транспаренти со натписи „Бесплатно јавно образование“, „Намалете ги тарифите“, „Знаењето е потреба“, „Не убивајте ја нашата иднина“, „Тајната на слободата е во образување на индивидуата“.

Протестираа и студенти од другите универзитети во некои од останатите градови во земјата, како Скадар, Елбасан, Валона и Драч, со барање да се намалат на пола тарифите за студирање.

Од друга страна, премиерот на Албанија, Еди Рама, реагираше во врска со демонстрацијата на студентите, и рече дека е подготвен да седне и да разговара со студентите за решавање на нивните проблеми.

„Моја обврска е да ги слушнам и поддржувам студентите во решавањето на нивните загрижености во секоја прилика кога тие ќе сакаат да разговараат“, рече Рама во едно видео објавено на социјалните мрежи.

Инаку, и во текот на ноември во Тирана беа организирани протести за намалување на тарифите за студирање, од страна на студентите од јавните универзитети.