СЕЌАВАЊЕ (I ДЕЛ)
Пишува: др.Оливер Бојчески
Децата знаат да поставуваат необични и тешки прашања но и да побараат и да направат уште понеобични работи. Тоа мене ми се случи денес кога дојде до мене мојата 9 годишна ќерка и ме праша – ,,Тато, можам ли да одам и да продавам на пазар во сабота со баба ми Роза?,,
Прашањето беше толку дирекно и јасно а јас неможев веднаш да одговорам како досега, со забрана или со одобрување. Кога некој ќе ми постави некое тешко прашање, обично одговорот го барам замислувајќи се длабоко во себе, во некое мое искуствено минато. Така беше и сега, се вратив во своите мисли.
… Се чуствуваше пролета. Обично како и на повеќето луѓе,така и во мене се раѓаа убави мисли за сегашноста и планови за иднината. Но таа пролет беше поразлична, всушност во зимата се чуствував радосен зошто тогаш го завршив факултетот и се ослободив од тие студенски грижи, а пролета ми донесе некој очај и безнадежност. Таквите чуства и тоа како се познати денес зошто бев невработен а бев полн со елан како и секој млад човек со штотуку завршен факултет.
Никогаш не ми било важно што ќе работам, важно ми беше и сеуште ми е тоа да биде чесна, поштена и честита работа. Воден од тие мисли му се обратив на мојот тетин кој работеше како шофер на камион на дрва во шумското претпријатие. Се сеќавам како денес кога му реков – ,, Тетин Миајл, дали би ме зел како работник да ти ги товарам дрвата во камионот?,,
Ме погледна, застана неколку секунди и без насмевка на лицето ми рече – ,, Очекуваш да ти се насмеам? Да ти речам дека си доктор и дека е срамота да работаш амалска работа? Дека неможеш физички да издржиш? – Знам дека тој одговор нема да го прифатиш! ,, Потоа ја зеде чашката со ракија, во лутина ја испи, стана и ми рече – ,, Утре биди спремен!
Таа вечер си легнав порано но со нетрпение го чекав утрешниот ден исто како некој ученик што ја чека утрешната ескурзија. Рано утрото камионот веќе беше паркиран пред мојата куќа а јас облечен во стари алишта и со торбиче наполнето се јадење бев спремен за мојот прв работен ден. Можеби во некоја од моите мисли кога студирав а и секој друг човек како мене поинаку го замислувал својот прв работен ден, да биде убаво облечен , дотеран, со убав парфем, со кола или со што било друго. Но јас едноставно знам дека тој ден бев радосен и исполнет.
Возејќи се скоро 1 час низ убав шумски предел на букова шума, преку јабланичките реки, стигнавме близу селото Лакавица. Не пречекаа шумски работници кои со едни големи босански коњи растовараа дрва. Не чекавме долго јас и мојот братучед Вите (синот на тетин ми), веднаш се нафрливме на дрвата да ги товариме. Се сметав за силен но во исто време се сетив на зборовите на дедо ми дека работата со дрва е една од најтешките работи(професии). Тоа го сватив брзо, кога потта брзо ми ги осоли усните и ме печеше во очите но јас несмеев едноставно да се предадам.
Михајло! Се слушна одек од коријата, Имаш нов работник? Со прашување се приближија 3 (тројца) опкршени и силни мажи кои тука работеа на товар на дрвата. Да! Како ви се чини? со некоја сигурност и уверливост им рече и истовремено ги праша тетин ми.
Јас застанав, малку подседнав, и со поглед ги препратував зошто сакав да слушнам за нивната оценка, небаре сум на факултет пред комисија на професори.
,, Добар е, има сила во него но нема техника и не е опкршен,, искрено му одговорија.
Тетинот вадејќи малку ракивче колку да ги почести, со насмевка им рече- ,,Па како за доктор не е лош,,
Што? Во недоумица повторно го прашаа, но по погледот видоа дека воопшто не се шали.
Никогаш неможам да ги заборавам нивните лица и начинот со кој во потполна почит ми пријдоа и рекоа – ,, Можеме ли ние да ти го натовариме камионот?,, Без размислување и малку пишманење им реков – Не! Тоа е моја работа!
Некако се усрамија, се почуствуваа како да ме навредија, како да ја омаловажија мојата сила. Но тие можеби неуки луѓе веднаш сфатија и се поправија – ,, Ама ние мислевме да ти помогнеме за побрзо да завршите и после и ти нас да ни помогнеш,,
,,Може, но за возврат сакам заедно да ручаме,, Се обидов да направам еден договор на компромис за и тие да се почуствуваат важни.
Најпосле камионот со 14 тони дрва беше полн а јас пресреќен што успеав. На заминување работниците не поздравија и со голема мудрост и ако никогаш во нивниот живот можеби немаа учено ми рекоа ,, Докторе од физичка работа да знаеш никогаш главата нема да те боли ама за рацете и кичмата ке ги осетиш утре,, Јас тогаш пријатно се почуствував а утредента навистина се уверив во тоа.
Мојот братучед остана тука да распоредува дрва за наредниот товар а јас со тетинот заминавме за Струга да го растоварам камионот.
Доволно се возевме колку малку да одморам и земам сила за истоварот, кога стигнавме пред куќата каде требеше да ги растоварам дрвата. Пред самата куќа имаше една голема асфалтирана ширина а газдата пријде и рече – Дечко, не е проблем, можеш тука да ги растовариш а ти мајсторе дојди да се напиеш едно пиво.
Се фрлив на камионот и набрзина почнав да ги истоварам дрвата. Овој пат одеше лесно, беа влажни и лизгави и воопшто не ми сметаше а ниту приметував како нивната влага и мов ги валкаа моите алишта и моето испотено лице.
Едно дете на возраст колку што е мојот син денес на точак се возеше околу камионот и со интерес ме гледаше. Во страв да не се лизне некое од дрвата со малку поостар глас му реков да се потргне и одалеку да ме гледа. Но детето несакаше да послуша, не поради неговата непослушност туку поради детската љубопитност. Наеднаш и од некаде дојде неговиот татко на возраст на која што сум приближно и јас денес, највероватно наслушувајќи ја мојата молба а неговата непослушност. Му пријде на неговото дете го фати за рака и со прст покажа кон мене.
,, Го гледаш чичконо! Го гледаш како е испотен и извалкан? Го праша своето дете и веднаш продолжи .
,, Е таков ќе бидеш и ти ако неучиш! А сега оди да напишеш домашна!
Јас едвај изустив, колку да не го укорува детето и му реков ,, Остави го детето има време ќе напише домашна но нека ме погледа и мене,, Потоа ја кренав главата гордо и продолжив без да му кажам што сум навистина.
До ден денес никогаш неможам да го заборавам, оправдам или обвинам таткото.
Наеднаш сакам да поврзам и други настани во таа година на мојот почетен работен стаж кога гласот на ќерка ми ме разбуди од сонот или јавето ,, Тато, тато, ми ја фати ќерката раката, те чекам да ми одговориш?
Со насмевка и реков – ,, Да, ќерко можеш да одиш,,
,, Тајната на успехот во животот не е во тоа да се работи тоа што се сака, туку да се сака тоа што се работи,, – Черчил.












