,, УТРЕ “

Од дамнешни времиња постои една народна поговорка во која се вели:

,, Обичниот човек памети, а умниот запишува.“

Јас тогаш ја запаметив приказната, а сега ја запишувам. Ја запаметив зошто тогаш на неа гледав на една смешна и помалку мудра приказна, која ми ја раскажа еден пријател, а сега ја запишувам зошто во неа има посебна мудрост која ,,УТРЕ“ треба да се чита и прераскажува, и да суди за една украдена и уништена иднина.

Но ајде да се навратам на денот кога за прв пат ја слушнав приказната. Tој ден бев посебно радосен зошто ја завршував мојата 4 –та книга, кога наеднаш во ординацијата со висок тон неконтролирано извикав :

– Завршив!!!

Ги напишав моите ветени 1000 страници на стручна и научна литература.

– Браво! – ми рече, мојот пријател со искрен и радосен израз на лицете. А веднаш потоа продолжи со прашање, покажувајќи една недефинираност во изразот на неговото лице.

– А на кого е ветено? – го слушнав збунувачки неговиот глас.

– Самиот на себе! – му одговорив и продолжив.

Тоа си го имав ветено во себе уште од моите специјалистички студии кога во недостиг на стручна литература на мајчин македонски јазик учев од различни светски учебници. А сега направив да имаме нешто наше, македонско за ,, УТРЕ“ да читаат и учат генерациите и дај боже уште подобри да направат.

Во уште поголема недефинираност на лицето ми го постави наредното прашање:

– Зарем за тоа реши да останеш во ова држава? За да пишуваш, да создаваш и твориш?

Сакав со посебна мудрост да му одговорам и реков:

Да, мој пријателе. Може денес нема вредност, но ,, УТРЕ“ можеби сето ова што го правиме сите ние кои остануваме во оваа наша држава и не заминуваме од неа, ќе вреди и ќе нé одржи како народ.

Тогаш веќе се насмевна и ми рече:

-„Утре“!? Ајде за ова твое ,,УТРЕ“ за кое ти и многу други како тебе ја жртвувате вашата младост,чесност и работливост, јас ќе ти раскажам една приказна за која ќе го дознаеш значењето некој друг ден или некое друго ,,УТРЕ“.

Приказната во целост ќе ја изнесам, а гласеше вака:

Си постоел некој голем арапски учител и филозоф по има Џила. Имал свое посебно школо во кое живееле и учеле многу ученици, кои филозофот ги поучувал на мудрости. Често шетале низ тврдината и сé што учениците ќе виделе и слушнеле, нивниот учител го објаснувал со посебна мудрост и знаење. Една вечер, враќајќи се во своето школо и место каде живееле, здогледале како група на разбојници влегуваат во нивното свето место и целосно го разграбуваат и уништуваат. Учениците кога виделе дека нивниот дом, местото каде живееле и го развивале своето знаење и мудрост, сега го уништуваат и разрушуваат, веднаш загрижено реагирале најпрво кај својот учител:

– Учителе!!! Погледнете!!! Нашето школо, нашиот дом, нашите книги, ги грабаат и уништуваат!!!

Учителот само рамнодушно и немо ги погледнал, без збор да изговори .

Учениците на тоа уште повеќе се зачудиле и уште побунтовно изреагирале:

-Учителе!!! Зарем не гледате? Го уништуваат сé она што го имаме, а вие ништо не преземате?

Тогаш учителот се свртел кон нив и им рекол:

– Не гледате убаво, овие само свират на рабап ( стар музички арапски инструмент).

-Учителе! Како е можно! Овие нé ограбуваат и ја уништуваат нашата куќа, а вие велите дека свират на рабап.

-Точно така. – им рекол учителот.

-Добро учителе, ако ние не гледаме или не можеме да видиме, тогаш ќе слушневме како свират?- збунети повторно го запрашале мудрецот.

-Утре, утре ќе се слушне.- загрижено им одговорил старецот.“

Јас веќе одамна го разбрав тоа ,,УТРЕ“, а тие што нема да ја разберат приказната сега, тогаш ,,УТРЕ“ ќе ја разберат. Ако не тие, тогаш сигурно нивните деца.

Автор: Др.Оливер Бојчески