Возот застана на предпоследната станица. Јас и уште многумина нашинци, сите печалбари, станавме од своите седишта и погледнувајќи низ прозорците, тивко си шепотевме:

-Уште неколку километри и влегуваме во Белград.

Со години наназад, секогаш кога пристигнувавме, сите во себе носевме иста душевна болка на носталгија за родниот крај и за семејството кое го оставивме таму, далеку во нашиот роден крај. Единствена утеха за нашата душевна празнина беше само вербата дека единствен начин за да ни опстои семејството е нашето печалбарење, нашето работење далеку од своите огништа, од своите домови и блиски. А тоа не тераше само напред и ни даваше сила за да опстоиме во печалбарските маки. Чудна е таа сила, меѓутоа и нагон на опстанување, што те тера повторно да се вратиме во овој град, кратко време после неговото бомбардирање, сред војна. Беше тоа 1941 година.

Свирежот во вагонот ја означи последната станица – Белград. И веднаш носталгичното чувство, кое го носевме во себе, се замени со стравот од војната. Но, нема колебање за печалбарот. Ги грабнав куферите и излегов брзајќи од возот.  Бев изненаден, бидејќи како и години наназад, станицата беше преполна со растрчани луѓе на сите страни. Застанав., погледнав наоколу и си реков:

– Не мириса на војна – мислејќи си дека само барутот во војната има мирис.

Патот до куќата во која планирав да престојувам и да работам поминуваше низ Теразије, место кое беше центар на многу историски и културни настани, а јас обожавав да прошетам низ тоа место, за да ги видам убавините на овој град во кој ја поминував својата младос. Меѓутоа, овој пат нешто не беше како порано. Ја немаше насмевката во луѓето, поздравувањето со шеширите, тропотот на господските бастуни. Чекорот на минувачите беше забрзан. Имаа намрштени и пркосни лица, со праволиниски поглед.

Решив да го кренам погледот кон секогаш убавото, белградско сино небо. Погледот ми замрзна… Се стресив од страв… На секоја од теразиските бандери висеше по еден млад човек со ознака дека е кумунист или бандит. Продолжив да чекорам, сеедно што не ми одеа нозете. Како да не сакаа да продолжам понатаму. Се обидов да го прилагодам чекорот, за да не бидам сомнителен. Меѓутоа, цело време скришно ќе погледнев кон обесените.  Погледот го бараше, макар што не сакаше  да го види мојот другар Осман – Осман Карабеговиќ

Осман Карабеговиќ беше меѓу најдобрите студенти на Филозофскиот факултет, кој живееше блиску до мене. Секое неделно попладне се дружевме. Најчесто игравме фудбал. Понекогаш, во вечерите, ќе го посетев во станот и ќе го најдев со уште неколкумина млади луѓе, како им ја раскажува големата книга, ставена на масата. Тоа беше книгата ,,Капиталот“ од Карл Маркс.

Една вечер, непосредно пред почетокот на војната, ме викна на српски јазик. Беше сам во собата.

– Станко! – лесно подвикна. – Ти си ми еден од најдобрите другари, ја знаеш вистината за мене и јас морам да ти кажам нешто што најверојатно не го знаеш  Наскоро ќе има војна. Јас останувам тука, каде што сум. За тебе е подобро да заминеш во твојот роден крај.

Не чекав многу за да се спротивставам. Му реков:

– Сакам и јас да се борам!

Го поткрена гласот, велејќи ми –

Заминви за родниот крај Станко!

Малку помолча и продолжи:

– Ти си дојден на печалба, треба да го прехраниш твоето семејство, имаш деца, имаш цела фамилија. Јас ќе ја водам битката на свој начин. Ни еден од нас не води посебна војна. Целта е иста, ти да го прехраниш твоето семејството, а јас да му овозможам слобода. Едно без друго не може.

Без да ми даде можност за да му речам нешто, ме прегрна и замина некаде во ноќта. А јас, веќе утредента, го напуштив Белрад и го одбегнав бомбардирањето.

Го погледнав и последниот обесен човек. Бев радосен што меѓу нив не го видов мојот пријател. Но, тие слики ме прогонуваат цел живот и ме потсетуваат на грозотиите на војната.

Уште оддалеку ја препознав куќата. Тоа беше куќа на големи предвоени богаташи. Кај нив пораснав, ми беа како родител. Како дете измеќарував меѓу нив,  а сега повторно дојдов кај нив да ми најдат работа за да печалбарувам.  Само што се приближив и веднаш бев препознаен од газдите, кои со радост извикаа:

– Станко! Се врати! Жив си! Ајде повели. Влези и ние ќе се погрижиме за тебе сега.

Поминуваа печалбарските денови, а во еден од нив, кон крај на летото, разбрав дека мојот другар Осман е жив, но во затвор. Бил фатен од Гестапо веднаш по бомбардирањето и влегувањето на Германците во Југославија.

Благодарение на моите газди,поминував многу добро. Меѓутоа, многу нашинци со кои се среќавав поминуваа тешки денови во кои едвај крај со крај поврзуваа.

Обично се враќавме кон крајот на денот од мајсторската работа. Меѓутоа, тој ден дојдов порано. Негде околу пладне. Ги затекнав газдарицата и газдата како седат на крајот од долгата господска маса, а газдарицата во рацете држеше лист хартија. По погледот веднаш претпоставив дека нешто не е во ред. Ми се обрати на српски јазик.

– Станко! Момче наше, од кога ти комунист?!

Го спушти листот, а рацете почнаа да и треперат.  Јас смрзнав… Чинам крвта ми застана низ вените… Мислата веднаш излезе во мозокот, помислив: Осман!….Мојот другар Осман Карабеговиќ ме има предадено…..  Едвај ги наполнав градите со воздух за да ѝ речам сосема кратко:

– Госпоѓо, ме знаете од дете….. Вие сте ми како втора мајка и знаете дека јас сум печалбар, ги сакам комунистите и нивните идеи, но никогаш не сум бил комунист.

– Знам, дете и момче наше. Знаеме сѐ.

Се смири и повторно го зеде листот во рака, покажувајќи го моето име на списокот од Гестапо.

– Во страв продолжив, што сега? Ако ме фатат, ќе ме стават во логор или ќе ме стрелаат?

Со блага насмевка ме погледна и смирено ми рече:

– Чудни се судбините во животот. Списокот на лица во Гестапо на тој што те наклеветил, предал и напишал, паднал во рацете на мојот сопруг. Силна е љубовта господова и како си се местат работите.

Ништо повеќе не смееш да знаеш!

Господинот и газдата ја отвори фиоката од масата и извади веќе приготвен ,,аушфајс, патна исправа, со која имав можност веднаш да избегам.

– Вие ми го спасивте животот – ѝ реков и  ја прегрнав мајчински.

А таа тивко изусти:

– Те спаси твојата чесност, искреност, работливост. Клеветата и предавството не се посилни од овие работи, да паметиш, Станко. Можеби ова ќе биде наша последна средба во животот, бидејќи ние ќе бегаме од тука.

Сопругот и газдата не зборуваше ништо, освен нешто што ќе ме следи целиот живот….

(на српски јазик) Те предаде твој човек, земјак, Македонец!

Името и презимето на човекот (нашинецот), кој го извршил предавството останува тајна засекогаш во нашето семејство. Меѓутоа, тоа се пренесува од генерација на генерација. Имено, нашинецот, познавајќи го дедо ми и колку бил влијателен и имал убава работа кај споменатите газди, од чиста омраза и љубомора го клевети и предава на Гестапо, а притоа зема и парична награда. Незаинтересирани за одмаздољубивост, но пратејќи го него низ годините и генерациите, знаеме дека никогаш тој човек не виде нешто убаво во животот. Силна е народната изрека ,, Некопај гроб на друг, зошто сам можеш да падниш во него,,

Се сеќавам само на забрзаниот чекор, зашто мојот мозок не размислуваше за тоа дали веќе ќе избегам или ќе бидам фатен и стрелан. Како да ми беше тоа сеедно. Бегав инстиктивно. Но никогаш не побегнав од само една мисла, која во мене одекнуваше: „Ме предал нашинец… Ме предал нашинец…..А јас помислив дека тоа е мојот другар Осман! Помислив на другарот, како можев?!  

Во знак за почит кон мојот другар Осман и срам од мојата мисла, целиот свој живот го посветив на задачата која ми ја даде мојот Осман. Тоа е да го чувам семејството и искрените пријатели. Тоа беше најмалку што му должам на мојот другар, кој ми го спаси животот и ми ја даде смислата на моето постоење – дека, имено, клеветата и предавството,заедно со злото од една страна и искреното пријателство,со добрина и љубов од друга страна, немаат ниту вера, ниту нација.

Со Осман Карабеговиќ се сретнавме уште двапати, а се допишувавме повеќе пати.

Осман Карабеговиќ, уапсен од Гестапо, е сместен во затвор во Белград, каде трпи тешки и ѕверски измачувања. Никого не ги предаде од своите другари. Успеа да побегне. Стана партизан-првобороц, носител на партизанска споменица за народен херој. Покасно извршуваше значајни функции на ниво на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Оваа случка беше аманет од дедо ми да ја раскажам кога ќе постигнам одредена зрелост во животот.

Можеби тоа е моментот кога некој, вклучувајќи се и себе си, ќе биде цел на некои (секако нашинци), кои од чиста омраза, злоба, пакост и љубомора ќе посакаат некого да уништат тебе – тебе, мене или нашите семејствата. Никогаш да не потклекнеме, да не го губиме образот, честа, праведноста, работливоста, искреноста или љубовта,  зошто тие се нашите оружја, кои секогаш го победуваат оваа човечко зло и ги спасуваат нашите животи.  Тоа го докажува и ова вистинска случка, која ми преставува водилка во животот.

,, Ниту една капка добрина, ниту едно зрно на зло, Не остануваат невозвратени во животот,,