Сите зборуваме и знаеме дека физичката активност е потребна за нашето здравје. Затоа се поставува прашањето – „НА КОЈ НАЧИН ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ НИ ПОМАГА ВО БОРБАТА СО КОВИД 19 НО И СИТЕ ДРУГИ БОЛЕСТИ И СОСТОЈБИ“
Анализирајќи од сопствено искуство но и од сознанијата за Ковид 19, можеме да кажеме дека основни се две нивоa на кои е важна спортската активност.
Во зголемување на имунитетот на организмот, со што би се намалила можноста за заболување или ако тоа се случи полесно да ја поминеме болеста и побрзо да се опоравиме.
Подобрување на состојбата на луѓето со коморбидитети а кои се ризик по здравјето и исходот при ковид 19, а тоа се: дијабетес, висок крвен притисок, гојазност, белодробни заболувања и др.

Најпрво да одам на првото ниво а тоа е зголемување на имунитетот. Физичката активност делува дирекно позитивно врз имуниот систем и индирекно намалувајќи го стресот како фактор за пад на имунитетот).

Со цел да се надоврзам на минатата конференција најпрво ќе зборувам за влијанието на стресот, посебно хроничниот стрес кој води кон многу симптоми меѓу кои и пад на имунитетот. Стресогената реакција е збир на многу промени меѓу кои и излачување на стресогени материи како Адреналин и Кортикостероиди.
Сите ние сме слушнале ,, Адреналинот ми се покачи,, во услови на стрес. Покачувањето на Адреналинот и кортикостероидите е потребно при стрес зошто ни помагаат од настанување на потешки нарушуња и болести. Но доколку стресот е долготраен и пресилен како при Ковид 19 тогаш имаме големи излачени количини кои преставуваат голема опасност за појава на болести како: висок крвен притисок, срцебиење, покачен шеќер во крвта, пореметување во менталната сфера со несоница, раздразливост, анксиозност и депресија. Но можеби и најважно во овој случај е и пад на имунитетот.
Сето ова преставува ризик фактор кај здравите особи но и влошување на состојбата кај особите кои боледуваат од овие болести а се ризик фактор при Ковид 19.
Сите испитувања од областа на спортската медицина потврдиле дека спортистите имаат секогаш пониски вредности на излачен адреналин и кортикостероиди за разлика од луѓето кои неспортуваат. Ова е всушност тој важен податок со кој полесно се справуваат со стресот и неговите негативни ефекти.

Сега би кажал како дирекно спортската активност позитивно влијае врз имуниот систем. Ќе набројам неколку механизми:
Знаеме за антителата во крвта како одбрамбени материи. Спортската активност со своите биохемиски и молекуларни влијанија делува врз леукоцитите (одбрамбените клетки) стимулирајќиги во создавањето на антитела во сите болести а нормално тоа се случува и при Ковид 19.
Најновите истражувањата при Ковид 19 покажуваат дека од големо значење има имуната реакција на таканаречените НК (натурал килер клетки или природни убици) и К (килер или клетки убици). Ние веќе имаме претходни сознанија дека физичката активност влијае врз зголемување на бројот и активноста на овие клетки.
Аминиокиселината Глутамин, ја знаат и користат спортистите како суплемент. Преставува хранително гориво за леукоцитите. Оваа аминокиселина се синтетизира во мускулуите и тоа при физичка активност. Поради тоа спортистите имаа голема способност за синтеза, депонирање и ослободување на оваа значајна за имунитетот аминокиселина.

Второто ниво на кое делува физичката или спортската аактивност е подобрување на состојбата на луѓето со коморбидитети а кои се ризик по здравјето и исходот при Ковид 19, атоа се: дијабетес, висок крвен притисок, гојазност, белодробни заболувања и др.
Истражувањата кои сеуште се во тек покажуваат дека најголем проблем за компликации и лош исход при болеста се воглавно 2 две работи кои се надополнуваат:
Васкуларен ендотелитис или воспаление на внатрешната обвивка на крвните садови со појава на тромби
Тешка бронхопнеумонија.
Токму Дијабетесот, високиот крвен притисок, гојазноста се поврзани со оштетување на крвните садови како подлога за лош развој и компликации при Ковид 19.
При дијабетес, физичката активност го троши зголеменото ниво на шеќер во крвта како енергетско гориво со што го регулира дијабетот и ги намалува штетните ефекти на шеќерот врз крвните садови.
Високиот крвен притисок ги оштетува дирекно крвните садови. Испитувањата докажале дека умерената и правилно дозирана физичка активност го намалува крвниот притисок особено кај луѓето од средна и постара возраст.
Физичката активност ја намалува телесната тежина којата самата посебе преставува ризик и подлога з многу болести.

Бронхопнеумонијата е најчестата компликација при Ковид 19. Физичката активност ги зголемува белодробните волумени и капацитети со што се зголемуваат респираторните можности и резерви при ова заболување.
Иминоглогулинот А кој се наоѓа на површината наб респираторните патишта и нештити од влез на вируси и бактерии се зголемува при физичка активност особено при надворешни услови.

И на крај за да завршам со тоа дека спортската активност дирекно го стимулира лачењето во мозокот на Бета-ендорфинот, хормон на радоста и среќата.

Ковид 19 е наша реалност со сите овие работи што се кажуваат и ги слушате а можеби и доживеете.
Но и животот е наша реалност и него треба да го живееме. Ако одлучиме тоа да го правиме само поради животот да ни биде поисполнет со едноставни нешта, порадосен дека нашето здравје е се, посреќен дека правиме добри нешта, тогаш верувам дека дека тоа е и правиот пат да се избориме не само со ковид 19 туку и со се друго што го загрозува нашето здравје.

Подготвил: Примариус Д-р Оливер Бојчески (Специјалист по спортска медицина и специјалист по трудова медицина)