Малку пари, малку импровизација – зголемен број болни, е исходот од нефункционалноста на превентивните скрининзи кои ги утврдува и ги плаќа државата од буџетот, велат граѓански организации. За рана детекција на малигни заболувања се определени помалку пари од пред 10 години, иако ракот е втора водечка причина за смртност меѓу населението.
Жена која има инвазивен карцином на матка, ако не се открие навреме, ја чини државата околу 200 илјади евра, вели гинекологот д-р Глигор Тофовски за тоа колку е важна превенцијата кај болеста од која просечно годишно заболуваат по 170 жени во Северна Македонија.
„Таа жена прима хемотерапија или зрачна терапија, оди на физикална, отсуствува од работа со месеци, користи скапи лекови, можеби дури и биолошка терапија, и така натаму…се тоа државата го плаќа. Ако болеста се открие превентивно, во рана фаза, ја чини државата многу евтино. Секој еден долар во превенција заштедува девет долари во терапија“, објаснува д-р Тофовски за Радио Слободна Европа(РСЕ).
Но старата мудрост „подобро да се спречи, отколку да се лечи“ се чини дека не е баш одомаќинета во македонскиот здравствен систем, покажуваат податоците на РСЕ од анализите на таканаречените скрининзи преку кои треба да се откријат потенцијални болести кај граѓаните.
Државата секоја година определува буџет за превентивни програми, односно скрининзи. Ги има десетина – за задолжителна вакцинација, здравствена заштита на мајки и деца, заштита на населението од сида, рана детекција на малигни заболувања…Тие се речиси константни со години, тоа што се менува се сумите за нив.
За 2025 година за овие скрининзи е усвоен вкупен буџет од 651 милион денари (околу 10,5 милиони евра).
Повеќе на РСЕ

