Во време на владеење на СДСМ се зголеми минималната и просечната плата, но со зголемените трошоци за живот, денешната плата вреди само 10 отсто повеќе отколку пред пет години. СДСМ за пет години на власт го зголеми долгот на државата колку што ВМРО-ДПМНЕ за 10 години владеење. Плановите за капитални инвестиции се рекордни секоја година, но ретко се стига до реализација од 80 отсто.
Влегуваме во „грчко сценарио“, нè чека должничко ропство, економија e на колена, владата на ВМРО-ДПМНЕ е расипничка и криминална, обвинуваше СДСМ додека беше во опозиција. Кога дојдоа на власт во мај 2017 затекнаа долг од 4,7 милијарди евра или 47,7 отсто од Бруто домашниот производ (БДП).
Повеќе од пет години подоцна, официјалните податоци покажуваат дека сега државата должи 7,6 милијарди евра или 56,6 отсто од Бруто домашниот производ (БДП).
Долгот во 2021 беше на рекордно високо ниво и достигна 61 проценти до БДП, но потоа се намали, во голема мера и затоа што бруто-домашниот производ многу се зголеми поради рекордната инфлација.
ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 го зголеми долгот за 3 милијарди евра, од 33 на 48 отсто од БДП. Владата на СДСМ од 2017 досега го зголеми за уште 2,8 милијарди евра, и тој достигна 56,6 отсто од БДП.
Задолжувањето му пречи само на тој што е во опозиција
Кога ВМРО-ДПМНЕ во 2006 дојде на власт јавниот долг изнесуваше 1,8 милијарди евра или 33 отсто од БДП-то. Во првите две години од нивното владеење долгот се намалуваше, потоа следуваше светската економска криза, кога јавниот долг се зголеми, паралелно се тоа се градеше и Скопје 2014, што дополнително ја зголеми задолженоста. Тогаш опозициската СДСМ обвинуваше дека власта сака да ја втурне државата во грчко сценарио.
Во 2016 кога јавниот долг ја надмина границата од 50 отсто од БДП и кога експертите предупредуваа дека задолженоста е на опасна граница, СДСМ најави ревизија на сите задолжувања, обвинувајќи дека тогашната владината политика ги става и сегашните и идните генерации во должничко ропство. СДСМ, пак, во своето владеење се соочи со ковид кризата поради која многу бизниси запреа со работа или згаснаа, а на тоа се надоврза и економската и енергетската криза подгреани со војната во Украина, поради што Владата донесуваше анти-кризни мерки за помош на граѓаните и компаниите за што ѝ требаа пари од странство.
Повеќе на РСЕ