
„Одлуката на Уставниот суд да поведе постапка против забраната да се помилуваат сторители на изборен криминал е краен срам за правната професија во Македонија. Уставниот суд изврши државен удар. Ова е крај на државата.“ Ова се зборови на Владо Камбовски, еден од најголемите авторитети на правната наука во државата, долгогодишен познат универзитетски професор, автор на голем број книги од областа на правото со меѓународна репутација, академик и до неодамна претседател на МАНУ, поранешен министер во владите на Македонија и на Југославија. Штом на умерениот Камбовски му се прелеала чашата и ова силување врз бедните остатоци од правната држава и обесчестување на професијата не можел да го проголта и го нарекува државен удар и крај на државата, тогаш бидете сигурни дека навистина имаме работа со злосторничко здружение за подривање на системот и уништување на државата од страна на врвот на власта, предводен од Никола Груевски.
Оваа изјава на академик Камбовски објавена во медиумите не е само реакција на еден еминентен правник, туку обвинителен акт од највисок ранг и човечки лелек пред пропаста на државата. Медиумите веќе ја опишаа седницата на Уставниот суд кога пет судии во панаѓурска атмосфера и со навредлив однос кон четирите судии колеги кои се згрозувале од ваквите политички памфлети во домот на „мајката на сите закони“, како што се вика Уставот во некои земји каде што е конститутивен закон на државата. Одмаздата на лошите студенти кои со партиска книшка и заслуги станале уставни судии, па дури стасале до претседател на Уставниот суд како извесна Гошева, е заслужена за нивните професори, кога веќе им дале по една шугава шестка за да не останат вечни студенти. Партиските извршители во Уставниот суд со надгласување 5:4 застанаа зад изборниот криминал и за оној кој веќе е направен и за оној кој допрва ќе се прави. Не им се одмаздија повторувачите само на своите професори, туку ги казнија и сите граѓани да се срамат од понижениот углед на државата.
Не знам како се чувствуваат вистинските патриоти, симпатизери и членови на ВМРО- ДПМНЕ по сите овие очајнички обиди да се одбегне одговорноста за злосторствата на најтесното раководство, не знам дали барем малку им црвени образот од големата брука и за партијата и за државата од она што се случува во Македонија, со обидот да се заштитат криминалците во највисоките ешалони на власта, но чинам дека по оваа јавна определба Уставниот суд да се понижи до таа мерка да застане на страна на беззаконието и анархијата, требаше да разбуди кај нив барем некаква реакција, или трошка загриженост за Македонија со која им е полна устатата цели 24 години во одбрана на независноста, самостојноста, суверенитетот, слободата и демократијата, достоинството, националната гордост и слични патриотски помагала за освојување на криминален начин на власта. Со вакво ли кукавичко молчење големите јунаци ја бранат Македонија.
Сценариото на власта е ептен понижувачко за интелигенцијата на граѓаните кои мислат со своја глава. Некој анонимен адвокат почетник кој пред неполни две години положил правосуден испит седнал на својот компјутер и пратил иницијатива до Уставниот суд да поведе постапка против забраната да се помилуваат сторители на изборен криминал, односно да му се дозволи на претседателот на државата да ги помилува ограбувачите на народната волја. Кога колегите новинари истражиле и откриле кој е овој вундеркинд кој го натера Уставниот суд на врат, на нос за неколку дена да му ја исполни желбата на адвокатчето од Охрид, ужасниот мозаик за одбрана на криминалот се склопил со микронска прецизност. Медиумите ја објавија веста, а никој не ја демантира дека талентираното момче што го матира Уставниот суд во два потега наводно се огласува на името Ристе Китевски и е соработник во канцеларијата на познатиот охридски адвокат Љупчо Наумовски кој е еден од адвокатите на Гордана Јанкулоска и Едмонд Темелко, осомничени за злосторничко здружување и изборен фалсификат во случајот „Титаник.“ Ова ашиќере е голема акција за спасување на сторителите на изборниот криминал, но притоа се заборава дека воедно претставува и признание за извршените злосторства.
Сепак, она што академик Камбовски го натера да викне гласно дека се работи за државен удар и крај на државата, а што го потврдија и голем број познати јавни личности, универзитетски професори, сегашни и поранешни уставни судии е фактот што Уставниот суд се појавува како носител на озаконување на криминалот. Наместо да биде најголемиот бранител на законитоста и владеење на правото, партиските инсталации се ангажираа во одбрана токму на носителите на длабоката политичка, морална и духовна криза која веќе се означува како крај на државата. Судиите на Уставниот суд, или на кој било суд знаат многу повеќе од обичните граѓани дека владеењето на правото е суштински сегмент на демократијата.
Уште пред 20 години, познатиот проф. академик Евгени Димитров, во „Националната стратегија на развој на Република Македонија“, во издание на МАНУ, има предупредено дека „надвор од демократијата принципот на владеење на правото претставува гола форма и може да се трансформира во инструмент на присила, репресија и диктатура. Основна функција на владеење на правото е ограничување на политичката власт и обезбедување на ефикасна заштита на човекот и неговите слободи и права“. Е, драг професоре, само десет години по вашите предупредувања на опасноста од репресија и диктатура, веќе од 2006 година во Македонија владее политичка олигархија која управува со државата со присила и со деспотски режим. Работите отидоа потаму што сега Уставниот суд бара озаконување на најсилниот удар врз демократијата и владеење на правото со помилување на сторителите на изборни измами и фалсификати. Всушност, сега ни се случува и вашето следно големо предупредување дека „и покрај широкиот институционален механизам и уставно гарантираните принципи и средства за обезбедување на владеење на правото, во практиката постојат сериозни слабости во неговата примена“, велите дека во такви ситуации „треба најенергични мерки да бидат преземени против појавите и дејствата што грубо го поткопуваат владеењето на правото и го попречуваат неговото подоследно остварување“. Така е професоре, но не сте ни помислиле дека во Македонија грубото кршење на правото и законитоста ќе се случува со амин на Уставниот суд кој треба да биде најголемиот заштитник на темелот на државата. Што да правиме, професоре, кога Уставниот суд ги урива најважните темели, отворајќи ширум врати за заштита на криминалците што го уриваат темелот на државата. Штета што од оној свет не можете да ни кажете кои се тие најенергични мерки што треба да се преземат и кој тоа треба да го направи.
Кога веќе еден од вашите наследници, Владо Камбовски, се огласи јавно со обвинителен акт дека ова е државен удар и крај на државата, веројатно тој знае и ќе ги соопшти енергичните мерки за отстранување на пречките за владеење на правото и за враќање на демократијата.
Веќе нема назад, Македонија е тргната на патот кон ослободување од тиранијата, не толку енергично, ама натака оди работата. Ако е крај на оваа држава, тоа мора да биде и почеток на новата слободна и демократска Македонија.
А бре Македонче каде се спремаш…
(Објавено во Утрински)










