Стотици млади муслимани од балканските земји ги загубиле своите животи на бојните полиња во Ирак и во Сирија во изминативе неколку месеци. Според експертите, најголемиот дел од нив се приклучиле поради тешките економски услови, но многумина како мотив наведуваат религиозни причини.
Неодамна, исламската заедница во Македонија предложи иницијатива наречена „Стоп за радикализмот и за тероризмот“, што ќе помогне граѓаните да се одвратат од заминување во борби во странство и ќе го промовира Исламот како мировна религија.
Проектот, исто така, ќе нуди помош за здомување на семејства чии деца заминале во странски конфликти.
Иако Исламската заедница во Македонија нема официјални податоци за тоа колку граѓани од Балканот заминале да се борат во конфликтите во Ирак и во Сирија за Исламската држава на Ирак и Левантот (ИДИЛ), според неофицијални проценки, досега во Сирија и во Ирак загинале околу 600 лица.
Иницијативата стреми да спречи радикализирање на муслиманските верници во Македонија и во регионот, рече Африм Тахири, генерален секретар на Исламската заедница во Македонија, за SETimes.
„Целта на проектот е да придонесе за зачувување на мирот и безбедноста на луѓето во земјата, во регионот и во светот. Тој [се состои] од програми што промовираат општествено прифаќање во заедницата, со особен фокус на вработените во јавните институции и во локалните бизниси“, рече Тахири.
Предвидени се и мерки за вработување на странските борци по нивното враќање во земјата, вклучително и програми за реквалификација.
Сулејман Реџепи, на чело на Исламската заедница, вели дека на овој начин повратниците од Исламистичките групи може да се обидат да се вратат на нормален живот по војните во Ирак и во Сирија. „Не ги таргетираме [оние што се враќаат] единствено преку санкции и казни, тие луѓе мора да станат свесни. Европските ентитети со верски заедници треба да бидат отворени за поддршка со цел да ги потиснат таквите лоши елементи во нашите рангови за луѓето да можат да живеат во мир и спокојство.
Како дел од своите тактики за регрутирање, ИДИЛ ја користи религијата како мотиватор. [АФП]
|
Проектот беше поднесен до странските амбасади во Скопје и до државните институции.
„Амбасадата на Франција јавно побара овластување од челникот на Исламската заедница да лобира кај сите амбасади во земјата да придонесат, додека амбасадата на Италија рече дека проектот ќе биде испратен до владата на Италија на разгледување за финансиска помош за програмата“, рече Тахири.
Дополнително, според Тахири, Аиво Орав, шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје, побарал проектниот предлог да се достави до Министерството за европска интеграција со барање истиот да се инкорпорира во програмата за финансирање во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Македонија за оваа година.
Граѓаните и експертите го поддржуваат проектот поради ризиците наметнати од враќањето на странските борци.
Марјан Ѓуроски, професор на Факултетот за безбедност во Скопје, за SETimes рече дека иако не сите оние што се враќаат од борбените полиња во Средниот Исток ќе преземат терористички активности во нивната татковина, ризикот сепак постои.
„По нивното враќање, многу е веројатно дека регрутите преживеале психолошки трауми поврзани со воени активности, што наметнува потреба за рехабилитирање и реинтегрирање. [Стекнатите] терористички вештини, исто така, може да бидат проблем. Тие можат да делуваат независно, без да бидат инволвирани во терористички мрежи и ќелии“, рече Ѓуроски.
Јасмин Реџепи, поранешен хуманитарец во Сирија, вели дека проектот треба да добие поддршка.
„Делот за превенција треба да биде поддржан не само од страна на верските образовни институции, туку и од страна на организациите на цивилното општество, од медиумите, училиштата, како и од спортските и од рекреативните институции. Вториот дел, исто така, покажува дека Исламската заедница сака да им даде шанса на нејзините членови што се враќаат во нормален живот во општеството“, вели Реџепи.
„Лесно може да се случи млади лица што потпаднале под пропаганда на интернет подоцна да се каат“, додаде Реџепи.
ИДИЛ и други терористички групи ја користат религијата како мотиватор – метод што е погрешен, според Абдула Казимоски, професор по филозофија и религиозни студии на Исламскиот факултет во Белград.
„Екстремизмот не е религиозна опција. Сè што е екстремно наидува на критики од сите страни и од сите религии“, рече Казимоски.
Експертите велат дека придонесот на Македонија и на регионот на борбата против ИДИЛ треба да биде во насока на интеграција со остатокот од светот.
„Тоа е учество во мировни мисии во Авганистан и во Ирак, и интерно, дејства во насока на превенција на такво влијание врз нашето население“, рече Авзи Мустафа, претседател на Унијата на албански интелектуалци во Македонија, за SETimes.
Ардијан Демири, адвокат од Скопје, се согласува.
„ИДИЛ е концепт што не е компатибилен со модерниот начин на живот во Европа, во светот и на Балканот“, рече Демири за SETimes. „Јас сум изрично против концептот на промовирање на правата на граѓаните под нивна власт и сметам дека сите цивилизирани и напредни заедници треба да се стават во одбрана на универзалните вредности. Македонија и другите земји од Балканот се немоќни во спречувањето на ова зло, но во соработка со Соединетите Американски Држави, можеме да се бориме против ИДИЛ и слични организации.“
Извор:SETimes

Како дел од своите тактики за регрутирање, ИДИЛ ја користи религијата како мотиватор. [АФП]










