Тринаесети август во домашниот политички календар веќе 24 години е синоним за еден настан: потпишувањето на Охридскиот договор и крај на конфликтот од 2001 година во Македонија. Владата  ја одбележува оваа годишнина  со свечена седница и обраќање на премиерот  Христијан Мицкоски,  кој заедно со првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, и дел од владината делегација, и синоќа присуствуваа на свечен прием за одбележување на 24 години од потпишувањето на Рамковниот договор.

„Месецот август носи длабока симболика за нас – Илинден и  Охридскиот договор  се два камен темелници на современата државност на Република Северна Македонија“, порача првиот вицепремиер Меџити.

„Тоа се два датуми кои не треба да живеат само во календарот, туку и во нашата колективна свест. Тие не потсетуваат дека само преку заеднички напори, жртва и дијалог може да изградиме функционално праведно и демократско општество. Охридскиот договор не е само политички документ – тој е визионерски акт, историски договор меѓу заедниците кои живеат во оваа земја. Посветеност за изградба на држава во која секој се чувствува еднаков, претставен и почитуван“, рече вицепремиерот.

Не стана извозен продукт

Охридскиот договор е потпишан на 13-ти август 2001 година и со него запре неколкумесечниот конфликт во Македонија. Токму во деновите пред потпишувањето на Охридскиот договор, меѓу 8-ми и 12-ти август, се случија и некои од најкрвавите настани во текот на конфликтот – нападот на конвојот на армиските сили на автопатот Скопје – Тетово кај месноста „Карпалак, случајот „Љуботенски бачила“, а потоа и полициската акција во Љуботен.

Договорот надживеа тројца од неговите домашни потписници – претседателот Борис Трајковски, лидерите на ДПА и ПДП, Арбен Џафери и Имер Имери. Сведоци на дострелите на Договорот денес не се ниту двајцата меѓународни посредници што помогнаа да се стигне до тој документ: американскиот дипломат Џејмс Пердју кој почина во јуни 2021, и францускиот политичар Франсоа Леотар кој почина во април 2023 година. Во книгата „Мировници – американското лидерство и крајот на геноцидот на Балканот”, Пердју се осврна и на кризата во Македонија од 2001 година, како и на заедничките напори со Леотар да помогнат во изнаоѓање на политичко решение за конфликтот.

Од договор, кој требаше да стане и „извозен модел“ за решавање конфликти – не стана тоа, но се претвори во трофеј за монополизирање на заслугите за него.

„Негативната експропријација од страна на ДУИ и негативната интерпретација од страна на македонското општество се детерминанти на албанскиот однос кон Рамковниот како позитивно зло од негативна нужда“, оцени аналитичарот Арсим Зеколи на 20-годишнината од Договорот.

На таа годишнина (во 2021 година) ДУИ се пофали со целосна имплементација на Охридскиот договор – легализација на високото образование на албански јазик, децентрализација, национални симболи и култура, албански јазик, правична и соодветна застапеност.

Повеќе на:dw.de