Владата треба да го формира Координативно тело за реализација на Договорот меѓу Македонија и Велика Британија во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти. Како што минатата недела најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, до вторник (10.6) треба да биде подготвен првиот иницијален проект – брзата пруга од Гевгелија до Табановце, кој е еден од двата „приоритетни проекти за почетен напредок“, како што се наречени во Анексот А од споменатиот Договор.
Врз основа на писмо кое домашното Министерство за транспорт треба да го достави до Владата, таа треба да го задолжи Министерството за финансии да обезбеди финансирање на проектот. Потоа Министерството за финансии низ транспарентен процес треба да испрати барање за финансирање до сите релевантни меѓународни финансиски институции и тие да се натреваруваат меѓу себе кој ќе понуди најдобри услови за финансирање. По изборот на финансиер на проектот, ќе се влезе во реализација на проектот, со избор на изведувач преку домашниот Закон за јавни набавки.
„Тоа не е договор во четири очи, но не е ни класичен тендер, каде може кој било да се јави. Мора да се постават јасни критуриуми кој може да учествува бидејќи проектот мора да биде завршен и мора да бидеме сериозни за да не ни се случи Охрид – Кичево или нешто слично. Тоа би бил конкурентен дијалог со компании кои ги исполнуваат условите, при поставени соодветни критериуми“, објасни Николоски.
Пругата од Гевгелија до Табановце, е дел од Коридорот 10, и се смета за значајна транспортна предност на Македонија. Доколку земјата ја постигне целта преземена со планот за раст – 327 илјади тони превезена роба по километар, во таков случај само од транзит треба да добива од 100 до 120 милиони евра годишно, што значи дека инвестицијата во пругата ќе се врати.
Повеќе на: dw.de









