„Ајде тука да анализираме“ – му рече премиерот Христијан Мицкоски на уредникот Васко Попетревски за време на интервјуто во „360 степени“ на МРТ во понеделникот.
Навистина, ајде тука да анализираме.
Попетревски го праша премиерот, всушност, повеќе констатираше, дека на инаугурацијата на Доналд Трамп во Вашингтон од Европа беа во огромен дел претставниците на крајната десница. Како анализираше Мицкоски. Неговиот одговор го пренесуваме во целост.
„Не знам дали се сеќавате, но АфД (Алтернатива за Германија) и партијата на (италијанската премиерка) Џорџа Мелони беа во исто европско семејство. Но тоа семејство ја исфрли партијата АфД и таа веќе не е дел од истото европско семејство, како што е партијата на Мелони. Мислам дека e ИД (Идентитет и демократија). Тие имаат сосема различен концепт на крајно десничарење. Но, ако е тезата дека таму беа луѓе кои претежно имаат суверенистички политики (Попетревски воопшто не го спомена тоа – н.з.) тогаш можам да се сложам со вас“.
Дали ние може да се сложиме со прилично самоуверената експликација на премиерот? Нема никаков проблем да се сложите ако мислите дека речиси сѐ што кажува премиерот е точно, бидејќи тој следи многу работи, па и прегрупациите во европските политички семејства. Но ако ги следите настаните, раслојувањата и прегрупирањата во крајнодесничарските и популистички политички семејства во Европската унија тогаш ви е многу јасно дека она што го зборуваше премиерот не одговара на случувањата и сојузите во Европската унија. Всушност, дека такви настани воопшто не се случиле. Се разбира, Попетревски имаше уште многу други поважни прашања отколку да навлегува во детали за поделбите и новите сојузи во европската крајна десница. Насмевката изгледаше како логичен одговор.
Затоа, ајде да анализираме.
Мелони и АфД
Национално-конзервативната крајно десничарската партија на Џорџа Мелони, Браќа на Италија, никогаш била дел од политичката групација Идентитет и демократија во Европскиот парламент. Партијата на Мелони, како неофашистички наследник на Бенито Мусолини, во нејзините маргинални времиња беше дел од најголемиот политички чадор во ЕУ, Европската народна партија (ЕПП), но во 2014 година ја напушти за да се придружи на Европските конзервативци и реформисти. Тогаш таму еден од главните членови беше Конзервативната партија на Велика Британија, која во оваа група ја внесе тогашниот премиер Дејвид Камерон. На Браќата на Италија ѝ одговараше политичката програма за „конфедерална Европа“ на држави спротивно на проектот за „федерална Европа“.
Алтернатива за Германија беше формирана само пред 12 години, во 2013. На изборите во 2014 за Европскиот парламент успеа да го помине прагот и да освои седум пратеници. Тогаш беше во афилијација со Европските конзервативци и реформисти за да ги напушти после неколку години и заедно со крајните десничари од Лига на Матео Салвини, Националниот собир на Марин Ле Пен и Данската народна партија ја формираа групата Идентитет и демократија. Но кога во 2023 година во Потсдам се одржа екстремно контороверзен собир на АфД, Марин ле Пен реши дека не може да биде во иста политичка група со оние кои се уште подалеку од нејзините крајно десничарски ставови и поотворено се надоврзуваат на германското нацистичко минато.










