Без учебници по странски јазици, очекувања за поголеми плати на наставници, но и стравувања дека егзодусот на населението ќе ги испразни училиштата и професорите ќе нема на кого да му предаваат, ќе стартува новата учебна година. За само една учебна година, во Северна Македонија, бројот на основни училишта се намалил за 11, а бројот на ученици паднал за 3.000. Се очекува трендот да биде таков и годинава.

Ако пред две децении во дебарските училишта имало над 400 првачиња, за десетина дена во училишните клупи за првпат ќе седнат околу 130 дечиња. Опаѓањето на бројот на ученици поради намалениот наталитет и иселувањето е проблем со кој и училиштата и државата се соочуваат со години.

Тоа е само еден од низата предизвици со кои на 2 септември ќе стартува и оваа учебна година. Обезбедувањето учебници, двосменското работење, повисоките плати, подобрувањето на наставните програми се на листата проблеми со кои и институциите и наставниците и родителите очекуваат дека ќе се справат.

За наставата на учениците промени речиси и да нема во споредба со лани. Различно ќе биде тоа што пролетниот распуст кој беше воведен минатата учебна година, оваа ќе го нема откако во анкета на Министерството за образование и наука (МОН) мнозинството родители, ученици и наставници рекоа дека не им е потребен.

Повеќе на:RSE