Сенката на поранешниот, а можеби и идниот, претседател на САД, Доналд Трамп е надвисната над јубилејниот самит на НАТО во Вашингтон. Нервозата е голема, особено во Европа, дека ова би можел да биде последниот собир на Алијансата на кој таа ќе настапи обединето и ќе манифестира единство.
Не и кај Христијан Мицкоски.
Во првиот мандат на чело на САД, Трамп веќе покажа аверзија кон НАТО. За вториот мандат веќе најавува дека ќе ја заврши војната во Украина за 24 часа и дека ќе го отповика членот 5 од Договорот, кој е клучот на колективната одбрана на земјите-членки на Алијансата, за оние земји кои не трошат доволно од својот буџет за одбраната. Стравувањата се големи што ќе значи тоа за безбедноста на Европа и за иднината на континентот.
Доколку се суди според првата средба на македонскиот премиер на маргините на самитот во Вапингтон, Мицкоски не е меѓу оние европски политичари кои стравуваат од враќањето на Трамп во Белата Куќа. Напротив. Придружуван од министрите за надворешни работи, внатрешни работи и одбрана, Мицкоски за прв соговорник во Вашингтон го одбра Ричард Гренел, контроверзниот поранешен дипломат и поранешен в.д. координатор на американските разузнавачки служби.
Кој е Ричард Гренел?
Гренел беше првиот отворено геј политичар номиниран од администрацијата на Трамп, кога стана амбасадор во Германија во 2018 година. Но, токму во Германија се случија и најголемите скандали кои доведоа и до барање тој да се прогласи за „персона нон-грата“. Уште не беше ни вистински седнат на функцијата, Гренел даде интервју за деснопопулистичкиот портал Брајтбарт, каде отворено порача дека неговата цел е да ги зајакне „конзервативните сили во Европа“, притоа алудирајќи на политичари како Виктор Орбан во Унгарија и Матео Салвини во Италија.
Но, тоа не беше и крајот на скандалите кои ги предизвика Гренел. Кусо откако ја презеде функцијата тој бараше од германските бизнисмени да не соработуваат со Иран. Потоа им се закануваше со санкции на германските фирми кои работат на гасоводот „Северен тек 2“, и бараше Германија да увезува американски гас. Заканите потоа продолжија и кон владата: доколку кинеската фирма Хуавеи добие тендер за изградба на 5Г мрежата во Германија, САД ќе ја ограничат соработката со германските тајни служби.
Повеќе на:dw.de








