Со можноста да се изрече доживотен затвор за најтешки случаи за уништување на животнта средина, Северна Македонија влезе во друштвото на неколку нации кои го ставија „екоцидот“ во своето законодавство. Но, дилемите се дали ваквиот закон ќе се спроведува или ќе биде само на хартија?
Северна Македонија стана дел од глобалното движење во борбата против уништувањето на животната средина, откако го криминализираше „екоцидот“ со последните измени на Кривичниот законик. Сега во домашните судови за вакво кривично дело може да се изрече максимална казна од доживотен затвор, а минимална од десет години.
Иако во моментов постои меѓународен тренд и притисок од активистите за земјите да го криминализираат „екоцидот“, тоа засега е направено во мал број земји, меѓу нив Виетнам, Украина и Русија. „Екоцид“ може да биде секоја штета направена во животната средина со неможност да биде вратена во поранешната состојба. На пример, некој може да биде обвинет за вакво дело доколку уништи цело течение на река или ако пресуши езеро.
Уништувањето на браната Нова Каховка во Украина пред неколку месеци е случај кој според правните експерти може да се окарактеризира како екоцид. При оваа катастрофа беше предизвикано изумирање на животинскиот свет во огромни размери и украинското обвинителство истражува можен случај на екоцид против Русија.
Франција е меѓу првите земји во Европската унија (ЕУ) која го стави екоцидот во своето законодавство. Сега закон во земјата е на тест со случај кој се води за големи штети предизвикани од канцерогени хемикалии.
Повеќе на РСЕ










