Американскиот претседател Џо Бајден синоќа одржа говор во фабриката на Volvo Group во Мериленд, за развојот на американската економија и проширувањето на производството во САД. „Каде пишува дека Америка повеќе не може да биде водечки производител во светот? Низ Америка докажуваме дека „Made in USA“ не е само слоган, тоа е реалност.
Докажуваме дека нашите најдобри денови се пред нас, а не зад нас“. Сепак, Бајден има големи проблеми на полето на енергетиката, поточно, поскапувањето на енергенсите, кое генерира инфлација и што е особено непријатно во предизборниот период и важните избори за Конгресот што ќе се одржат за еден месец, во средината на мандатот на Бајден, а каде на демократите, според анкетите, не им оди најдобро. Републиканската контрола врз Конгресот ќе му отежне на Бајден да ја спроведе својата политика до крајот на неговиот мандат, слично на она што се случи со неговиот претходник Доналд Трамп кога Конгресот беше управуван од демократско мнозинство (меѓу другото, тој беше подложен на дури три обиди за импичмент, како ниеден американски претседател пред него).
А со оглед на актуелната „воена состојба“ меѓу двете доминантни американски партии, тешко е да се очекува дека во тој случај Бајден удобно би седнал во Белата куќа. Дополнително, дефинитивно би му го отежнало освојувањето на новиот претседателски мандат, за кој Бајден веќе се одлучи и најави пред неколку дена. Така, Бајден вчера изјави дека верува оти цените на бензинот во САД растат поради потезите на Руската Федерација и Саудиска Арабија.









