Анализа на американските разузнавачки служби предупредува дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху би можел да преземе чекори што би ги поткопале напорите на администрацијата на Доналд Трамп за постигнување долгорочен мировен договор со Иран, пишува „Вашингтон пост“.
Според сегашни и поранешни американски функционери, американските разузнавачки агенции проценуваат дека Израел останува решен да продолжи со воените операции против Хезболах во Либан, и покрај дипломатските напори што предвидуваат крај на конфликтот.
Во анализата се наведува дека Нетанјаху, пред изборите за Кнесетот, делумно ја поврзува својата политичка позиција со континуираното присуство на израелските сили во јужен Либан, како и со интензивирањето на операциите против Хезболах, кој го поддржува Иран.
Според извештајот, ваквите потези би можеле дополнително да ги комплицираат американските обиди за стабилизирање на односите со Техеран и воспоставување долгорочна мировна рамка.
САД и Иран го откажаа состанокот во Швајцарија
Планираните разговори меѓу САД и Иран за спроведување на мировниот договор беа откажани во последен момент. Средбата требаше да се одржи во швајцарското планинско одморалиште Биргеншток, но беше одложена поради нерешени организациски и логистички прашања.
Одлуката за откажување на патувањето ја донесе потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, кој требаше да ја предводи американската делегација во Швајцарија. Белата куќа потврди дека техничките подготовки за разговорите се уште се во тек, но дека клучните детали не се договорени.
Портпаролот на американската администрација изјави дека американската страна е подготвена да ги продолжи преговорите штом условите ќе бидат соодветни, нагласувајќи дека логистичките предизвици во ваквите процеси се вообичаени и сложени. Тој додаде дека јавноста ќе биде навремено информирана за следните чекори.
Иако Венс претходно најави патување во Швајцарија и почеток на технички разговори во текот на викендот, конечната одлука за одложување беше донесена во многу краток рок, што предизвика изненадување во дипломатските кругови и меѓу медиумите, кои веќе се подготвуваа за неговото патување.
Според достапните информации, иранската страна, исто така, побарала дополнителни гаранции за спроведување на привремените договори пред да можат да продолжат преговорите, додека некои извори наведуваат дека регионалните тензии дополнително влијаеле на одложувањето.
Во меѓувреме, иако претходно беше постигнат рамковен договор што требаше да го отвори патот за понатамошни преговори за иранската нуклеарна програма, останува неизвесно кога техничките разговори всушност ќе продолжат и во каков формат ќе бидат организирани.









