Осумдесет и седумгодишниот Халит Гувен цели 74 години неуморно работи во својата столарска продавница лоцирана во стариот дел на Караман. Гувен е познат како „дедо столар“ поради гостопримливиот пристап и насмеаното лице, а не планира да го напушти занаетот додека не му попушти здравјето.
Дедо Халит изјави дека кариерата ја започнал на тринаесет години, кога почнал да работи како чирак кај столар. – Благодарение на муштериите и на оние кои ме посетуваат, никогаш не сум се чувствувал осамен, рече дедо Халит, кој живее од продавање креветчиња, лажици, тркалачки игли и стапчиња кои со децении ги изработува рачно.

Тој истакна дека поради напредните години често се чувствува уморен, но и немирен кога не работи. – Првата продавница ја отворив во 1964 година. Оттогаш работам за себе. И покрај моите напредни години, времето во работилницата го трошам на корисен начин и придонесувам за семејниот буџет. Сакам да го живеам животот максимално, изјавил дедо Халит.

Говорејќи за столарскиот занает, дедо Халит истакна дека успехот во овој занает зависи од квалитетот на дрвото и талентот на занаетчија.
– Претходно вратите, прозорците и гардеробите беа од дрво. Потребен беше вистински мајстор и квалитетно дрво. Сега многу работи се направени од пластика, но дрвото е поздраво. Кога почнав да работам, сè правевме рачно, сега дури и завртките се затегнуваат со машини.
Не остана никој освен мене што прави мали апарати за домаќинство од дрво, рече дедо Халит. Тој рече дека столаријата може да има смирувачки ефект врз личноста која оваа работа ја работи со своето срце.
– Ја сакам оваа работа со целото мое срце. Не продавам предмети што не ми се допаѓаат. Сеуште не ми е доста од столарија, да се родам пак, повторно би ја избрал оваа професија. Во минарето на џамијата спроти патот има клинци во кои лично сум зачукал, што ме прави горд, заврши дедо Халит.

Извор: АА










