Штотуку матуриравме од „хибриден режим“ во „несовршена“ демократија и сега сме на пат да се вратиме во старото друштво.
Изминативе денови, сведоци сме на (не)функционална парламентарна демократија на македонски начин со партиски зачин. Комисиски мнозинства блокираат собраниско мнозинство. Што ќе се случува кога улогите ќе се заменат? Дали ова ќе стане правило? Избравме пратеници за да имаме функционално Собрание, а не зелено пазарче, кое си го имаме во секое маало. Имало и ќе има собраниски мнозинства од различна провиниенција, а опозицијата има право да изрази несогласување во рамки на собраниските механизми кои се на располагање, но и обврска да не го нарушува нормалното функционирање на заедничкиот дом. Притоа имаме општествен договор да владее собраниско мнозинство, со сета одговорност.

Мотивите за ова оригинално разбирање на парламентарната демократија се повеќекратни. Од една страна актуелното докажување на љубовта кон Гоце, како континуитет на обидите да се дополаризира македонскиот избирачки камп во два спротивставени „политички народи“, вмешувајќи и меѓуетнички аспекти, а од друга страна, настојувањето на сите табори за „политички“ избор на уставните судии. За првото е многу напишано и анализирано, и е одраз на еден погубен тренд на делби во еден од најлошите моменти во нашата историја, кога се соочуваме со повеќекратна криза. Второто е уште едно сведоштво дека не сме матурирале бидејќи партиите не негуваат вистинска демократска дистанца од постапката за именување на уставните судии.

Индексирани како подобри но со очајно ниска политичка култура  

Во Индексот на демократија на угледниот Економист за 2021 година, има 13 промени, девет негативни и четири позитивни. Две земји, Чиле и Шпанија, се деградирани од „целосни” во „несовршени“ демократии. Молдавија, Црна Гора и Северна Македонија го подобрија својот статус од „хибридни режими“ во „несовршени демократии“. Овој Индекс се заснова на пет категории: изборен процес и плурализам, функционирање на владата, политичко учество, политичка култура и граѓански слободи. Врз основа на оценките за низа индикатори во овие категории, секоја земја потоа се класифицира како еден од четирите типови „режими”: „целосна демократија“, „несовршена демократија или демократија со недостатоци“, „хибриден режим“ или „авторитарен режим“. 74 од 167 земји и територии опфатени со моделот, или 44,3%, се сметаат за демократии. Бројот на „целосни демократии“ е 21, на „несовршени демократии“ (нашето друштво) 53, а од преостанатите 93 земји, 34 се „хибридни”, а 59 се „авторитарни режими”.

„Економист“ ја оценува демократската политичка култура на државите врз основа на неколку индикатори кои се однесуваат на степенот на општествен консензус и кохезија во поткрепа на  една стабилна и функционална демократија. На ова се надоврзуваат истражувања за нашите перцепции за лидерството вклучувајќи ги и крајностите. На пример, дали сакаме силен лидер кој ги заобиколува парламентот и изборите или друга крајност, на владеење од експерти или технократска влада.

Повеќе на:DW